Кастратовиќ: Го посакувавме Луцерн, но нема да биде лесно

Составот на Металург го доби и вториот ривал сезонава во Лигата на Европа односно противникот кој стои на патот кон групната фаза.

Луцерн е ривал кој беше на списокот на желби кај „металурзите“ пред ждрепката така што можат да бидат задоволни.

„Се работи за еден од противниците кои ги посакувавме за оваа рунда, но сигурно нема да биде лесно. Резултатот направен во првиот круг во кој ја совладаа Дубрава на гостински терен со 28:19 е показател дека се работи за квалитетен состав“, вели тренерот Зоран Кастратовиќ.

Анализите ќе следуваат допрва, но вели дека нема да се опуштаат туку уште отсега планот ќе биде да се остварат две победи.

„Јас сум умерен оптимист и сум тренер кој секогаш оди на победа. Нема да си дозволиме да размислуваме на тоа во Скопје да победиме, а потоа да го браниме резултатот во Швајцарија. Напротив ќе се потрудиме да се подготвиме што е можно подобро и да дојдеме до посакуваниот резултат“.

До натпреварите со Луцерн ќе има и средби во домашното првенство, па тоа ќе го одржи натпреварувачкиот ритам кај ракометарите.

„Почнуваме со првенството в петок и ќе имаме натпревари пред овој дуел со  Криенс Луцерн. Сепак, нема да бидеме во комплетен состав на тие средби поради пропозициите во домашното првенство. Ни треба уште малку време за да успееме да го добиеме посакуваното. Останува една глазура на овој тим за да го имаме вистинскиот лик на Металург. Секако можеме да се надигруваме. Имаме искуство во овој тим што ни е потребно за добар резултат и ќе се обидеме тоа да го искористиме на теренот во обид да ги оствариме амбициите“, изјави Кастратовиќ за 24 Ракомет.

Со успешен резултат во овие квалификации ќе нема проблеми за Металург да му се придружи на Еурофарм Пелистер во групната фаза и на тој начин македонскио ракомет да добие и трет тим кој ќе игра во Европа во групите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа.