Канкараш се сели во Израел, Металург ќе добие оштета

Црногорскиот интернационалец Бранко Канкараш од денеска не е повеќе член на Металург и кариерата ќе ја продолжи во израелскиот шампионат во тимот на Макаби Ришон Ле Зион.

Тој имаше договор со Металург до крајот на сезоната, па македонскиот тим ќе добие соодветна оштета од израелскиот тим. Понудата што ја добил од Израел била многу примамлива, и решил да замине, а клубовите се договориле околу деталите за ослободување на пивотменот.

Канкараш дојде минатото лето во Автокоманда, но немаше многу прилики да ги покаже своите квалитети, освен на европските натпревари, кои беа вкупно седум.

Поради лимитот за странците и некои административни проблеми со лиценците кружниот напаѓач не играше во суперлигашките средби, а немаше да биде поразлично и претстојната пролет.

На пикерската позиција, тренерот на Металург – Оливер Димитриоски, ќе смета на Милан Лазаревски и Андреј Митиќ.