Камческа и Ристеска ја водеа Деспина до победа против Спартак

Ракометарките на Деспина пред својата публика триумфираа против Спартак со пет гола разлика, 30:25, во натпревар од 4. коло од плеј-аут фазата во единствената лига кај дамите.

Избраничките на Илиески во најголемиот дел од првото полувреме ја диктираа играта на терен и имаа резултатска предност, која во неколку периоди изнесуваше четири до пет гола разлика.

Сепак, гостинот од Скопје го искористи падот во играта на домаќинките и се избори за 15:15 на полувреме. Продолжението донесе поголема неизвесност и голема борба за бодовите.

Спартак направи пресврт, но не успеа до крај да се надигрува со домашниот тим и да се избори барем за бод. Дополнителен проблем за Спартак беше црвениот картон за Јана Ѓошевска и Ангела Гроздановска, кои беа исклучени од игра во последниот период од натпреварот.

Најефикасни во победничката екипа со по осум погодоци беа Ангела Камческа и Маја Ристеска. Кај Спартак прв стрелец беше Зорица Андовска со седум погодоци.