Каков гаф на ЕХФ – заборавија да вметнат еден учесник во ЛШ, па ја избришаа објавата! (ФОТО)

Европската ракометна федерација денеска направи голем гаф, што не е дозволив за организација од нивен ранг, особено кога се работи за најелитното европско клупско натпреварување.

На сите социјални мрежи (Инстаграм, Фејсбук и Твитер) беа објавени сите учесници во машката и женска Лига на шампиони – оние кои добија директно место во групата и оние кои побарале вајлд-карта.

Кај мажите, има 10 сигурни учесници и уште 14 што ќе се борат за 6 вајлд-карти. Грешката се случи кај дамите. Таму има 9 сигурни учесници и уште 12 што ќе се борат за седум вајлд-карти.

ЕХФ меѓу тие тимови што побарале вајлд-карти не го смести ЧСМ Букурешт, иако од романскиот клуб тврдат дека документацијата ја испратиле според роковите на европската куќа на ракометот.

Кога ЕХФ ја сфати грешка, ги избриша сите објави од социјалните мрежи и веројатно сега ќе има нова коригирана објава. Тимовите што ќе добијат вајлд-карта ќе бидат објавени на 19 јуни, а ждрепката ќе биде на 1 јули.