Кадетите добијa пет месеци плус за подготовки, ЕХФ шампионатот ќе се игра во јануари

Ракометарите од генерацијата 2002 и помали во август требаше да бидат домаќини на своите врсници на ЕХФ шампионатот кој ќе се одржи во Скопје, но добија пет месеци плус за подготовка и натпреварите ќе бидат одиграни на крајот од јануари.

Причината за одлагањето на ЕХФ шампионатот беше коронавирусот, па затоа се очекуваше на состанок после кој ќе биде донесена одлука за новиот термин. Според одлуката на Извршниот комитет на ЕХФ во јануари треба да постојат услови за играње и во времето додека се одржува Мундијалот за сениори во Египет.

Новиот термин за ЕХФ шампионатот во Скопје е 25 до 31 јануари. Истото важи и за натпреварите во Бугарија и во Црна Гора.

Покрај тоа нов термин има и за Европското првенство кое е закажано за периодот од 14 до 24 јануари, а ќе се игра во Словенија.

ЕХФ шампионатот за играчи до 20 години во машка конкуренција кој се игра во БиХ и Летонија, пак, е предвиден да се игра од 8 до 17 јануари.