Кавадарчани ќе се борат за трофеј во Охрид, триумфираа над домаќинот во неизвесен финиш

Тимот на Тиквеш е вториот финалист на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, откако во полуфиналето, славеше над домаќинот со 24-22 во интересен и неизвесен натпревар до самиот финиш. Во финалето ривал на Тиквеш ќе биде тимот на Партизан кој го победи Пролет.

Во текот на целото прво полувреме се играше израмнет и цврст натпревар. За домашните погодуваше само Ончев, а на другата страна главен реализатор беше левиот бек Хамзиќ.

По петнаесетина минути игра беше 4-4, а потоа имаше по неколку одбрани и грешки на двете страни. Продолжи играта гол за гол до 7-7, а на пет минути до крајот се разбрани Брауновиќ, довчерашниот голман на Охрид. Неговите соиграчи казнуваа во напад и Тиквеш набрзина се одлепи на 7-10, пред Бојаниќ со гол од седмерец да ги постави конечните 8-10 на паузата.

Рустамов, Тасески и Бојаниќ стрелаа за комплетен пресврт на стартот на второто полувреме за 11-10. Тогаш се заостре играта, имаше жестоки стартови, па судиите поделија и исклучувања на двете страни.

Кавадарчани израмнија на 11-11, но потоа неколку удари одбрани Цинцадзе и Охрид се одлепи на 15-13. Беше и 16-14, домашните промашија неколку шанси за плус три, па Тиквеш казни за реми, 17-17 на десетина минути до крајот.

Не само што израмнија гостите, туку и поведоа со 17-19, а згора на се Брауновиќ му фати пенал на Ончев. Домаќинот се врати во игра и израмни на 19-19 на пет минути до крајот, па се мораше да почне од нула. Двете екипи погодуваа наизменично, а при резултат 21-22, Брауновиќ одбрани уште еден пенал. Стефановиќ зголеми на 21-23, потоа и Димовски даде гол за 22-24, па немаше време за камбек на домашната екипа.

Кај победникот Хамзиќ даде пет гола, Темелкоски и Симиќ по четири погодоци, додека кај Охрид, Ончев и Бојаниќ стрелаа по седум пати. Во битката за третото место утре Охрид ќе игра со Пролет, додека во финалето ќе се соочат Партизан и Тиквеш.