Кавадарчани ги задржаа крилата: Темелкоски и Коцев уште две сезони во Тиквеш

Македонскиот претставник во Европскиот Куп, Тиквеш од Кавадарци, го склопува играчкиот мозаик пред стартот на новата сезона во која ќе го чекаат големи предизвици.

Откако потпис на нов договор стави капитенот Страхиња Симиќ, следни што ја продолжија верноста се левото крило Димитар Коцев и десното крило Евгениј Темелкоски.

Неготинецот, кој во Кавадарци е практично како дома, и во следните две сезони ќе ги брани боите на амбициозниот кавадаречки клуб, а исто толку ќе остане и прилепчанецот.

Коцев потекнува од Вардар Неготино, додека Темелкоски покрај Прилеп, играше за Работнички и Голден Арт.

Досега клубот се засили и со црногорскиот интернационалец Мирко Мајиќ од Бутел Скопје, кој исто така потпиша договор на две сезони, а од Кавадарци заминаа Лазар Петровиќ, Арнад Хамзиќ и Јагош Брауновиќ.

Ривалот во Европа, Тиквеш ќе го дознае на средината на јули, а според рејтинот на Македонија, кавадарчани би требало да бидат носители на првата ждрепка.