ИХФ ги усвои измените: На СП во Египет селекторите ќе сметат на 20 играчи

Место досегашните 16 играчи пред првиот натпревар на Мундијалот во Египет селекторите ќе може да сметаат на 20 ракометари така што добиваат поголем ростер. Зголемен е и бројот на ракометари на поширокиот список што е позитивен одговор на барањето на тренерите.

Како што е познато досега селекторите пријавуваа поширок список од 28 ракометари, а сега оваа бројка е зголемена на 35. За натпреварите можеа да сметаат на 16 играчи и правеа замени само пред натпреварите кои беа во ограничен број.

Сега ситуацијата е поинаква. Протоколот за натпреварите и понатаму ќе предвидува 16 играчи, но тие ќе се бираат од оние 20 кои се пријавени пред првата средба. До крајот на Мундијалот ќе може да се направат пет замени од поширокиот список.

„Советот на ИХФ ја усвои измената на последниот состанок. Тоа е во интерес и на играчите и на спортот. Сите знаеме дека сезоната 2020/21 со Светското првенство и Олимписките игри во Токио ќе донесат многу напори за ракометарите и затоа моравме да излееме во пресрет“, вели директорот за натпреварување во ИХФ, Патрик Штрауб.

Ова дава позитивен сигнал за селекторите така што тие добиваат повеќе избор при правењето на тимовите за Светското првенство, но и потоа за Олимписките игри кои се на програмата во текот на следното лето.