Италија и Црна Гора ќе ги тестираат кадетите во Охрид

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја очекува жешко лето во кое ќе има доста активност и тест во август кога ќе треба да се направи чекор напред и да се дојде до успех на ЕХФ шампионатот кој се одржува во Скопје.

Селекторот Кирил Лазаров веќе ги соопшти имињата на ракометарите на кои смета за оваа акција, а сите играчи ги очекуваат подготовки од повеќе од еден месец.

„Во понеделник се собираме на почеток на подготовките со кадетската селекција. Претходно во недела сите ракометари кои се повикани ќе имаат детални прегледи така што подготвени ќе влеземе на тренинзите кои ќе се одвиваат во три фази. Почнуваме во Скопје, а тренинзите во првата фаза ќе траат десет дена“.

После тренинзите во Скопје ракометарите ќе се преселат во Охрид каде што ќе продолжат со работа и со подготовки.

„Планот за втората фаза е да се одвива во Охрид и да трае 12 дена. Во овој период ќе имаме и контролни натпревари. Очекувам потврда за доаѓање на Италија. Против оваа репрезентација би требало да играме на 23 и 25 јули. Се очекува и договор со Црна Гора против која би одиграле исто така два натпревари“.

За време на празникот на 2 август ракометарите би имале повторно одмор, но краток од 2-3 дена и потоа би почнала завршната фаза од тренинзите.

„Третата фаза ќе биде одново во Скопје. Во завршницата на подготовките ќе бараме ривали во тимовите од Супер лигата. Една или две средби против силен противник ќе ни бидат добредојдени за тест за формата на ракометарите“, коментираше Лазаров.

ЕХФ шампионатот треба да се одржи во Скопје од 9 до 15 август. Македонија е во група со селекциите на Полска и Грција.