Исповед на македонските ракометар(к)и од жариштата на коронавирусот во Европа!

Ситуацијата со коронавирусот во светот се менува од минута во минута, од час во час, од ден на ден. Како и повеќе спортски федерации, така и ракометните ги стопираа натпреварувањата во сите конкуренции, а некои отидоа и дотаму што ги завршија шампионатите.

Најголемите жаришта на опасниот вирус во Европа покрај Италија, се Шпанија, Германија, Австрија, Франција и Швајцарија, а каков е животот во овие држави ни пренесуваат нашите интернационалци.

Во Шпанија, во тимот на Синфин Сантандер настапува Дарко Димитриевски, кој вели дека останува во шпанскиот град до нормализирање на ситуацијата.

„Лигата првично е стопирана на 15 дена. Тренинзи нема, сите сали се затворени, исто така и теретаните. За неколку дена ќе бидат затворени и рестораните, кафулињата, трговските центри…Можно е лигата да не се доигра, но ова се уште не е официјално. Во Сантандер е добро, нема многу случаи со коронавирус, но почнува да станува полошо. Моментално од клубот ни се дадени инструкции да останеме дома и да не се движиме низ град. Јас останувам и понатаму во Сантандер, но Мадрид и Каталонија се карантин“, вели Димитриевски.

Во тимот на Ротвајс Тун од Швајцарија настапува Викторија Мурговска, која исто така ќе го продолжи престојот во Тун и не смее да се врати во Македонија, бидејќи Швајцарија е средно ризична земја.

„Во текот на вчерашниот ден ни соопштија дека сезоната за жал заврши во Швајцарија. Натпревари нема да има повеќе. Тренинзи со сигурност во следните две седмици нема да имаме, а за потоа ќе не известат дополнително. Јас останувам во Швајцарија бидејќи оваа земја е средно ризична зона и ми кажаа дека потоа ќе морам во карантин 14 дена. Смееме да се движеме низ градот и се функционира нормално. Само училиштата и лигите ги стопираа, а во кафулињата и дискотеките можно е да има ограничен број на луѓе“, вели Мурговска.

Во германскиот Лудвигхсафен настапува голманот Мартин Томовски, кој сигурно нема да има натпревари до 22 април, а дали ќе има тренинзи ќе биде познато в понеделник. Тој вели дека се функционира нормално.

„Во мојот град се функционира нормално, нашата екипа има слободни денови до понеделник, а тогаш ќе биде договорено дали ќе продолжиме со тренинзи. Лигата е суспендирана до 22 април. Можеме слободно да се движиме низ градот, а за враќање дома се уште не сме зборувале, но не смееме самите да резервираме авионски билети“, вели Томовски.

Иван Марковски се наоѓа во градот Самбр Авенуа во Франција, а оваа земја после Италија една од жариштето на коронавирусот. Македонскиот тренер вели дека засега нема поголема паника.

„Од пред два дена има прекин на сите лиги во Франција. Препораките што ги добивме се дека мора да престанеме со тренинзи, па сите клубови ги откажаа. Во мојот град нема некоја голема паника, нормално се движиме, но мораме да бидеме претпазливи, иако се уште нема ниту еден случај на коронавирус. Во Македонија не смееме да се вратиме, бидејќи доаѓаме од ризично подрачје, па ќе останеме тука. Маркетите се полни и никој не прави залихи на храна“, вели Марковски.

Никола Костески настапува во австрискиот Линц, кој вели дека движењето низ градот ќе биде стопирано со оглед на тоа што од понеделник ќе работат само маркети и аптеки.

„Сите натпревари се одложени најмалку до 3 април, а за понатаму ќе видиме. Ние немаме тренинзи веќе три дена, но чекаме програма за индивидуални тренинзи и одговор дали ќе имаме заеднички тренинзи. Во градот движењето е редуцирано и сите внимаваме на себе според препораките. Од понеделник ќе работат само маркетите и аптеките за да нема движење. Започна паника од купување храна низ маркетите, но има доволно залихи“, вели Костески.

Јована Саздовска е дел од Турингер во Германија, а во оваа држава исто така има голем број на заболени од коронавирусот. Во нејзиниот град нема паника, но сепак таа останува во Германија и нема да се враќа во нашата држава со оглед на тоа што нема репрезетнативни активности.

„Во моментов сум во семејна атмосфера во домот со најблиските и не се движам на места каде што има голема раздвиженост. Челниците на ракометната федерација и водечките луѓе на клубовите имаа состанок на кој беше донесена одлуката да се прекинат сите лиги, а од понеделник ќе биде донесена одлуката дали ќе продолжиме со тренинзи и понатаму. Настапите за националните тимови се ставени на стенд бај и мојата одлука беше да останам каде што сум, иако можев да се вратам во Македонија, со оглед на тоа што доаѓам од регионот Турингија, каде што има само неколку изолирани случаи на заразени луѓе. Од клубот само две колешки заминаа за подготовки со националните тимови, но нема да имаат активности. Градот и жителите продолжуваат со секојдневните обврски и освен неофицијалната препорака за избегнување на групни собори, нема ништо друго. Маркетите се добро снабдени со продукти и нема паники кај граѓаните околу залихите со храна“, вели Саздовска.