Инцидент на европски натпревар – реагираше полицијата! (ВИДЕО)

Натпреварот од третото коло во Европскиот Куп меѓу екипите на Кремс од Австрија и Војводина од Србија, кој беше одигран во саботата и на кој српскиот шампион оствари победа со 29:27, беше проследен со голем инцидент на трибините.

Поради хаосот на трибините кој беше предизвикан од навивачите на Војводина, имаше прекин на натпреварот од околу 20 минути. Во 23 минута, полицијата и обезбедувањето мораше да интервенира поради недоличното навивање од страна на гостинските навивачи, кои во еден момент тргнаа да се пресметаат со домашните симпатизери.

Доколку ситуацијата на трибините не се смиреше и доколку навивачите на Војводина не ја напуштеа салата, натпреварот ќе беше регистриран со службен резултат за Кремс.

Според медиумите во Австрија, групата навивачи на Војводина пред одиграниот натпревар била избркана од еден локален ресторан во Кремс поради голема алкохолизирана состојба.

„И покрај обидите на играчите на Војводина да ги смират навивачите, ситуацијата не беше 100% под контрола. Ова ги наведе делегатите и судиите да одлучат дека натпреварот ќе биде регистриран со службен резултат 12:0 во корист на домаќините доколку навивачите веднаш не ја напуштат салата“, стои во соопштението на Кремс.

Раководството на Кремс најави дека ќе достави детален извештај за инцидентите до Европската ракометна федерација (ЕХФ), а најавува и порадикални мерки пред реваншот следниот викенд.

„Доколку Србите не достават јасен безбедносен концепт за реванш дуелот, ние нема да патуваме во Нови Сад. Не сакам да ги загрозувам моите играчи и тренери“, изјави претседателот на Кремс, Александар Хофман.

Реванш дуелот меѓу Војводина и Кремс ќе се одигра на 10 декември во Нови Сад. Правда на дуелот ќе дели судиската двојка од Македонија – Даниело Божиновски и Виктор Начевски.