ИНТЕРВЈУ со Драган Ѓукиќ: Имав понуди и од Македонија, но решив до јануари да бидам само советник

Поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Драган Ѓукиќ е одново во Скопје, но сега со нова функција која ја има во репрезентацијата  на Грузија. Ѓукиќ работи како советник на Ракометната федерација на Грузија и е дел од стручниот штаб на Никола Максимовиќ. Грузијците ќе играат два контролни натпревари со Македонија во СЦ „Борис Трајковски“, а веќе неколку денови се подготвуваат во Скопје.

Тој често е во Скопје, но редовно е присутен и на сите големи натпреварувања, а вели дека секогаш кога може со задоволство се враќа во Македонија.

„Секогаш се чувствувам пријатно во Скопје. Имам многу спомени кои ме врзуваат за овој град, за оваа земја, за овие луѓе, за некои од овие играчи. Се чувствувам пријатно во земјата на ракометот“, вели Ѓукиќ во интервјуто за 24 Ракомет.

Има многу разлика од времето кога тој беше пред повеќе од 15 години и сега. Тој беше дел од Вардар кој се пробиваше на меѓународна сцена и кој тогаш првпат победи на турнирот во Добој под негово водство. Беше и на клупата на Македонија, па добро може да направи споредба за времињата некогаш и сега.

„Ракометот стана национален спорт во Македонија. Сега има многу пари кои во тоа време ги немаше. Сега има и многу повеќе ракометари од страна, врвни ракометари, две екипи во ЛШ, репрезентација која константно прикажува добри игри и резултати на големите натпреварувања, одлична организација во Ракометната федерација. Сè е на едно повисоко ниво. Како некој кој бил овде јас сум навистина горд што сум бил дел ова и постојано се обидувам колку можам повеќе да следам сè што се случува тука. Не само во Скопје, туку сега и во Битола, но и во цела Македонија. Лигата според мене има прогрес. Одлична ситуација за ракометот, се надевам и на големи сениорски натпреварувања во добри сали. Генерално ракометот во Македонија стана вистински бренд. На подрачјето на поранешна Југославија не гледам земја во која ракометот се сака повеќе“.

Во Грузија има една нова функција. Работи како советник за организација во националните селекции на оваа земја.

„Имам долга кариера во која и на мене ми се случува нешто да правам првпат. Сега првпат сум во улога на советник на некого кој се обидува во огранизацискиот дел да им помогне на луѓето. Ме повикаа да го огранизираме ракомет на едно поинакво ниво, како и работата со млади категории, системот на селектирање и работата со репрезентацијата. Сениорската селекција е секогаш врв во една земја. Сепак, под тоа има многу работи кои не се гледаат, кои таму не се поставени на најдобро место. Сакаа да им помогнам со моето искуство. Никола Максимовиќ работеше со мене во Израел. Тоа е млад и талентиран тренер кој во 2008 година на ЕП во Македонија беше на семинар. Со големи амбиции влезе во овој проект и она што беше одработено во јуни беше само почеток. Јас мојата улога на советник надвор од терените ја гледам како нешто ново. Сакам да учам и никогаш нема ни да престанам да учам така што и во тој дел се трудам да донесам нешто ново“.

Двомечот против Македонија ќе биде можност да се види до каде е тимот во моментов и да се стекне искуство.

„Ова е еден интересен состав со искусни и екстра талентирани млади играчи. Се надевам дека ќе биде подготвен за настап младиот ракометар од Монпелје. Меѓутоа за жал синот на поранешниот ракометар на Вардар, Тите Каланадзе, Николас, кој потпиша за Шамбери има повреда на петата и нема да можат да го видат гледачите во Скопје. Сепак, тој е потенцијал за во иднина. Федерацијата организираше неколку младински натпреварувања и низ тоа дојде до млади таленти и ракометари бидејќи клубовите не се на нивото. Она што сакам да го видам на двете средби е да се одигра натпреварувачки. Македонија е фаворит и резултатот не го доведуваме во прашање, но тој не е најважен. Важно е да одиграат против ваква силна екипа бидејќи нешто слично ќе претстои во квалификациите, кои ќе бидат многу важни за иднината на ракометот во Грузија. Во секој случај очекувам ревијален натпревар  полн со многу убави потези и убав ракомет“.

За 24Ракомет откри дека имал понуди да се врати да работи во Македонија, но одлучил да ги одбие овие клубови и до јануари да биде надвор од тренерската работа и да биде само советник.

„Јас се чувствувам како дел од македонскиот ракомет и никогаш не сум заминал. Сепак, реално гледано, проектот во кој јас бев дел тогаш од репрезентацијата и од Вардар беше сосема поинаков. Ова се некои нови околности и кога ја гледам својата кариера гледам некој свој предизвик. Секако немам завршено со тренерската работа. После 20 години минатата сезона бев дел од женската екипа на ЧСМ Букурешт во една навистина комплицирана ситуација со многу проблеми, но успеавме да истуркаме. Годинава имаше многу понуди, а имаше некои од нив и од Македонија. Сепак, не сметав дека треба да работам и одлучив до јануари да не работам ниту во клупски ниту во репрезентативен ракомет, ако се изземе ова каде што сум како некој советник“.

Воедно одлучил дека после две децении активност е време малку за семејството.

„Сметав дека после 20 години постојана работа некои приватни работи да дојдат на прво место. Мојата ќерка ќе се мажи. Таа живее во Чиле. Мојот син живее во Германија. Живеам живот на типичен балкански екс-ју родител чии деца заминале и сметав дека треба малку од времето да минам со нив. Секако дека имам амбиција и мислам дека после јануари одново ќе работам. Во последните години бев две сезони во Романија, бев селектор на Црна Гора и игравме со Македонија на првенството во Хрватска, мислам дека ова е некоја природна средина. Драго ми е кога се поставува ова прашање бидејќи нашата екс-ју школата има многу квалитетни тренери кои во последните години не се многу актуелни. Луѓето од други простори се актуелни и како и секоја мода тоа оди доаѓа и поминува, но има тука многу кои има што да покажат како Драган Аџиќ, Веселин Вујовиќ, Лино Червар и многу други, Ги има и од Македонија. Не би сакал некој колега да ми се налути. Има многу добра работа со млади категории, па ќе има уште многу за работа и во иднина. Јас својата улога ја сфаќам сериозно и имам проект кој се занимава со млади играчи и млади тренери кој се вика handballforall и секоја година се одржуа во Србија. Мојата улога е да вратам нешто на ракометот и да им дадам нешто и на младите тренери и младите играчи. Доаѓаат нови генерации, нови играчи, нови млади тренери. Тука се некои мои поранешни играчи како Данило Брестовац и Стевче Алушовски кои сега работат. Тоа е природно и така треба да биде“, изјави Драган Ѓукиќ во интервјуто за 24 Ракомет.