ИНТЕРВЈУ КИРИЛ ЛАЗАРОВ: Селекторскиот предизвик дојде порано, но не сум плашливец!

Селектор, капитен, најдобар и најуспешен ракометар во македонската историја, играч со најмногу настапи во Лигата на шампионите, лидер на стрелците со над 1.500 погодоци во елитата... Тоа е Кирил Лазаров. Човекот за кого епитетите како легенда, икона, херој... никогаш нема да бидат доволни за да го сумираат сето она што тој го има направено индивидуално како играч, но и како лидер на македонскиот национален тим во изминативе три децении.

Ракометната приказна на Лазаров е предолга и пребогата и едно интервју со него ќе треба да биде во продолженија за да биде комплетно и за да опфати се што тој има сторено во својата кариера. Затоа фокусот ќе биде само на оваа најновата функција – селекторската.

Од пред четири месеци Лазаров во свои раце комплетно ја презеде работата со А репрезентацијата, со двојна улога селектор – играч. Собра околу себе тим од поранешни репрезентативци (Бранислав Ангеловски, Ацо Јоновски, Билјана Црвенкоска), го врати Филип Миркулоски како тренер – играч и од јануарскиот очај, Македонија за месец дена имаше неверојатен блесок – победа над светскиот првак Данска, а потоа и со најдобар биланс досега заврши едни квалификации за Европско првенство.

„Повеќе од задоволен сум од тоа што успеавме да направиме за не повеќе од 15 дена заедничка работа. Постојано напоменував дека може повеќе да се извлече од оваа репрезентација и индивидуално, играчки и колективно. Искрено не ме радуваат толку победите колку што ме радува посветеноста на играчите за време на собирите и нивната желба за напредок. Тоа е голем плус и добар знак за уште поквалитетна иднина. Немаме ростер и тип или квалитет на играчи како големите репрезентации, но со колективна и тимска игра можеме да направиме многу. Циклусот го оценувам многу позитивно, но верувајте дека ниедна победа или пораз нема да ме поколеба за во иднина да отстапам од тоа што го имам замислено. Многу гордо го прегледав натпреварот со Швајцарија (три пати) и искрено велам дека начинот на кој игравме 60 минути ми направи поголем ќеф отколку натпреварот со Данска во Скопје.“

Разликата во изгледот на селекцијата од јануари до мај Лазаров ја припишува на односот.

„Јас ја почитувам работата на секој селектор – тренер. Во мојата репрезентативна кариера, па дури и клупска, секогаш сум стоел на располагање на моите тренери да им бидам десна рака како капитен и како играч, со оглед на тоа дека во сите клубови сум имал многу одговорни улоги. Во 90 посто од случаите сум имал одлична соработка, а и да сум немал, сум се помирувал со тоа и сум го давал максимумот на терен. Нашата репрезентација во последно време беше во благ пад, тоа треба да признаеме, и тоа дека на Светското првенство во Египет доживеавме тотален дебакл. Се однесувавме западњачки, а заборавивме дека сме Македонци и го заборавивме нашиот менталитет, кој е многу специфичен.“

ИГРАЧИТЕ МИ ЈА ЗНААТ ЛУДОСТА И ПОСВЕТЕНОСТА

Што е она што го промени во тимот како селектор – играч и како успеа да ги мотивираш момците после еден така тежок и болен настап на СП во јануари?

„Имав многу тешкотии, а и допрва ќе ги имам (се смее) Свесен сум за целата ситуација, но многупати имам кажано дека сакам предизвици, тоа ме држи во живот. Ракометот е мојот живот… Знаете како, размислувате со денови, правите концепти, во главата ви се вртат милион идеи за на крај доаѓа денот кога треба да донесете одлука – ден пред натпревар или на самиот ден на натпреварот. Тогаш ме води внатрешната интуиција, која не викам дека секогаш е и најдоброто решение. Еве на пример, имав испланирано да не играме воопшто со Миркуловски на последните два натпревари од квалификациите и бев сигурен дека ќе ги добиеме. Одлуката ја сменив по самото пристигнување во Финска, едноставно така нешто ми велеше од внатре“, објаснува селекторот Лазаров и додава: „Играчите ме почитуваат, а јас нив уште повеќе и подготвен сум да се грижам и да се жртвувам за нив. Поголем дел од нив и ми го знаат карактерот, лудоста и посветеноста. Знаат дека понекогаш излегувам од контрола со викање, но познавајќи ме знаат дека тоа и брзо ми поминува и пак функционираме како ништо да не било. Не се трудам особено многу што се однесува до мотивација. Им се допаѓа како работиме, им се даваат задачи што треба да ги исполнат на терен, а бидејки се чесни момци самата задача, обврска што треба да ја спроведат на терен ги држи да бидат мотивирани и будни во секој момент. За Данска се подготвував многу и верував длабоко во себе дека можеме да ги изненадиме. Ги анализирав до најситен детаљ. Во една телефонска комуникација со мојот помошник Јоновски му реков: Ацо, ако спроведеме се што замислив, ќе ги добиеме (може да го прашате, ќе ви потврди).“

Фактот дека Лазаров е и во соблекувалната со тимот, но и на клупата како селектор му носи предност во однос на неговите претходници.

„Тоа ми е голема предност. Јас ги познавам нив, а тие мене. Досега секогаш во соблекувалната заеднички сме знаеле да го ‘озборуваме’ тренерот дали е добар или лош, а сега селекторот и тренерот (Миркуловски) се со нив како соиграчи. Колку и да се лоши тренерите не смеат да го кажат тоа“, низ смеа вели селекторот.

ЛИДЕРОТ САМ ЌЕ ИЗЛЕЗЕ НА ПОВРШИНА

Сите претходни селектори во Кирил Лазаров гледаа лидер на националниот тим, но нормално е таквата улога полека да премине на друг играч. Капитенот нема „миленик“ кога е оваа улога во прашање, туку остава на процесот, односно тој играч природно да се наметне.

„Лидерот природно ќе си излезе на површина! Не ми се допадна ситуацијата во Египет каде што Кузмановски беше промовиран како нов лидер, му го кажав тоа и нему. Лидер се станува кога ќе ја однесеш твојата екипа во победи, а не кога губиш со 10-15 гола разлика. Истото се случи и во Данска, ние изгубивме со 15 разлика, а го промовираме Кузмановски дека одиграл добро. Лидерот треба да ја носи екипата во победи и тоа да го прави константно без големи осцилации. Очекувам за брзо време лидерот или лидерите природно да се појават. Ние во репрезентацијата имаме типови играчи со огромен квалитет како Манасков и очекувам многу од него веќе на ЕП во Унгарија. Тој е потребен во репрезентацијата на врвно ниво, каков што е и играч, но и репрезентацијата му е потребна нему. Не сакам да се повторувам, но националната селекција е најдобриот ‘излог’ во европскиот и светскиот ракомет. Многу врати се отвораат и затвораат, а тоа нашите играчи треба да го разберат заедно со моментот обединување на цела нација. Тоа е момент што не може да се опише, само може да се почуствува! Не постојат пари на светот со кои можеш да го купиш тоа чувство.“

НА ЕП ОЧЕКУВАЈТЕ МЛАДА, БОРБЕНА И ПОЛЕТНА МАКЕДОНИЈА

Македонија ги доби противниците за ЕП 2022, и ќе биде дел од групата А во Дебрецин, заедно со светскиот првак Данска (кој ни беше и противник во квалификациите), Словенија и Црна Гора.

„Нема лесни противници на големо натпреварување. Немав некои посебни очекувања. Во играчката кариера секогаш одев по потешкиот пат, така ќе биде и со тренерската. Најхрабрите и најпосветените успеваат. Ќе се посветиме максимално, ќе се подготвиме за да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Ќе ни биде потребно многу сила, мудрост и смиреност. Оптимист сум…“, вели Лазаров и продолжува: „На ЕП може да очекуваме една млада, полетна и борбена Македонија „со глава и опашка“. Уживам во предизвикот. Нема да барам алиби за ништо само ќе барам од играчите да се однесуваат и да се посветат максимално во целокупната подготовка за ЕП. Само така би имале шанси да се носиме со противници како Данска, Словенија и Црна Гора.“

ГОЛЕМИ НАТПРЕВАРУВАЊА БЕЗ КВАЛИТЕТЕН РОСТЕР = НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА

За да добие млада и полетна Македонија на ЕП, Лазаров веќе работи на планот и најави активности на Б репрезентација летово за да се добијат уште три- четири млади играчи во пресрет на ЕП.

„Мораме да го прошириме ростерот за она што следува. Големи натпреварувања без квалитетен ростер е невозмозна мисија. Тоа е тежок и долг процес, но ќе направиме се за да го забрзаме иако вистината и моменталната ситуација е таа која ни е добро позната на сите. За А репрезентацијата ќе се обидеме да организираме пријателски натпревари со врвни репрезентации за да видиме до каде сме. Не сакам да играм пријателски натпревари со слаби противници за да го билдам своето тренерско си-ви со победи. Поразот ќе не направи подобра репрезентација, а и мене подобар тренер.“

Размислуваш ли за проширување и на стручниот штаб? Дополнителна поддршка од уште некој поранешен репрезентативец или, на пример немаме тренер на голмани?

„Одлуката да немаме тренер на голмани во овој циклус беше моја и правилна. Го познавам Николче (Митревски) добро, неговата посветеност и желба. За Томовски цело време бев во контакт со неговиот ментор Шкоф во Германија со кого имам играно заедно, така што имав информации. Да дојдеше тренер на голмани ќе сакаше да им покаже и нив и  мене дека работи квалитетно, а имавме само три-четири дена за подготовки. Во иднина размислувам за оваа опција, вклучување и на тренер на голмани. Нутриционист ни е дефинитивно неопходен! Играчите не се свесни колку можат со квалитетна исхрана да го подигнат своето ниво на физичка подготвеност. Ќе побарам нутриционист, кој ќе биде цело време во контакт со играчите. Не почитувам нутриционисти кои одат со лист хартија copy-paste и им даваат на играчите. Сакам резултати од нутриционизмот. Ќе разговарам и со спортски психолог. Мислам дека ќе им биде потребен на играчите, но не сакам со психологот да се работи колективно туку само индивидуално и дискретно. Кога можеше данскиот репрезентативец Гитсел да си признае дека му е потребна помош од спортски психолог (зборувам за најдобар играч на СП) зошто да не побара некој наш играч? Треба да бидеме искрени, јас добро знам што е врвен спорт и врвен ракомет.“

ВЕДНАШ ГО ПРИФАТИВ СЕЛЕКТОРСКИОТ ПРЕДИЗВИК

Уште лани кога Лазаров најави дека ќе ја игра последната сезона во кариерата (пред да се случи сето ова со пандемијата и тој да одлучи да игра и догодина) многумина веќе веруваа, се надеваа и го гледаа како предводник на националниот тим, а таквото мислење очигледно го делеле и првите луѓе на Ракометната федерација на Македонија.

„Јас веќе подолго време се подготвувам за тренерската работа и се едуцирам. Знам дека ја одбрав најтешката работа, но тоа е посилно од мене. Имав желба да бидам селектор на мојата земја каде што настапувам и ги бранам боите повеќе од 20 години. Можеби предизвикот дојде многу порано од очекуваното, но без многу размислување прифатив и се впуштив во една доста интересна, храбра и одговорна авантура. Сакам да ја поздравам и храбрата одлука на нашиот почитуван претседател г-дин Живко Мукаетов. Лидерите секогаш носат храбри и одговорни одлуки!“

НЕ СУМ ПЛАШЛИВЕЦ

Спортската јавност во Македонија ја научи секогаш да бара уште повеќе и уште подобро од тебе како играч, а сега со победата над Данска во селекторското деби, како и одличните квалификации за ЕП, такви очекувања постави и од тебе како селектор. Колку двојната улога носи поголем товар, одговорност и секако притисок?

„Да се биде селектор на ракометна нација е голема чест. Треба да создадеме нова генерација, а истовремено да останеме најмалку на нивото на кое што сме сега. Промена на генерации е тежок и долг процес. Никогаш во животот не сум бил плашливец, нема да бидам и сега. Јас го знам својот пат и знам дека ќе успеам. Следам се, читам, посветен сум! Македонија ми е слаба точка и секогаш ќе и бидам на располагање. Имаме малку квалитетен кадар, а тоа што е квалитетно треба да си го чуваме затоа што ќе го присвои некој друг… Време за мене како селектор имам многу малку. Немав време за овие две ЕХФ недели ни до моето родно место, Св. Николе да појдам. Со тоа сум кажал сè – со колкава одговорност и посветеност работам и  колкав притисок имам и носам.“

Постои ли нешто од што стравуваше со оглед на тоа дека најдобро ги познаваш и предностите и мааните на репрезентацијата?

„Сега е малку полесно да се зборува после успешно одработена работа. Стравови немам но секако дека сум многу внимателен, ситуациите се менуваат од ден во ден. Имаме планови кои треба да ги оствариме. Ако не оди се по планот имаме опции Б и Ц, затоа секоја шанса треба да се користи!“