„Инвестиравме повеќе од 10.000.000 евра последните неколку години, сакаме да играме и во ЛШ“

Претседателот на Нексе, Јосип Ерговиќ во интервју за „Балкан Хендбол“ зборуваше за плановите и амбициите на клубот за во иднина.

Раководството на Нексе има амбиција да игра во Лигата на шампионите, а за таа цел планира да изгради и нова сала во Нашице според ЕХФ стандардите.

Ерговиќ откри интересна информација за јавноста. Во последните неколку години околу 10.000.000 евра од неговото семејство завршиле во инвестирање на клубот. Иако резултатите на европска сцена не се забележителни, факт е дека Нексе работи добро со младите категории и ги освежува сите селекции на хрватската репрезентација со сопствен кадар.

„Имаме сала со капацитет за 2000 гледачи, го средуваме ВИП делот и правиме кафич за посетителите на натпреварите. Паралелно, со градот ние градиме спортска сала на наш сопствен трошок каде што ние ќе бидеме сопственици и ќе создадеме многу повеќе капацитет за работа со младите. Имаме многу добар персонал, а инфраструктурата ни недостасува. На долг рок, за 3 до 4 години, се планира да се изгради сала со капацитет до 4000 седишта, според ЕХФ стандардот во моментов. Колку и да е мал нашиот град Нашице (17.000 жители) неопходно е да се направи тоа за да можеме да играме во Лигата на шампионите оваа, следната сезона или пак за две години, но кога тогаш ќе играме. Да не мораме да одиме во Осиек или подалеку за натпреварите. Ова се нашите среднорочни планови и ќе ги оствариме. Инфраструктурата е клучна за следење на нашето работење. За Нексе групацијата ракометот е многу важен и тоа е маркетинг проект кој не само на Нашице и Славонија, туку и на целата Хрватска и подарува таленти. Создаваме репрезентативци, шириме една позитивна енергија и нема да застанеме, одиме напред. Моето семејство даде повеќе од 10.000.000 евра за ракометот во последните години. Тоа се многу големи пари. Не знам дали во Хрватска тоа некој го направил приватно. Живееме за ракометот, а не од него. Тоа е една голема разлика, не жалиме и сметаме дека тоа на некој начин е наша должност. Ако компанијата работи добро, мислам дека тоа е сосема во ред. Секако, можеше да биде поинаку, доколку ги чував сите пари за себе или не знам што друго би правел, но целото мое семејство го поддржува проектот и тоа е најважно”, изјави Ерговиќ.

Нексе оваа сезона има голема шанса да го симне Загреб од тронот во Хрватска, а постигна и добар успех со пласманот во осминафиналето на Лигата на Европа.