Има 50 години и сè уште игра, се повреди – ама не планира крај на кариерата!

Поранешниот репрезентативец на Чешка, Јозеф Кучерка во јануари го прослави својот 50. роденден, а само неколку дена подоцна ги скина лигаментите на коленото додека го бранеше голот на својот тим Хранице.

Иако има 50 години, Кучерка планира да се врати на терените после повредата. Како што вели и самиот не планира крај на кариерата, а кога ќе дојде тој ден сака да се збогува со ракометот пред полна сала.

„Нема да ја завршам сега мојата кариера, сакам достоинствено да се збогувам со навивачите. Не можам да ја завршам кариерата во празна сала. Верувам дека ќе се опоравам за новата сезона и ќе продолжам да играм, уште колку – не знам. Бранењето не е толку физички тешко како играњето во поле, додека сум здрав не гледам причина да се откажам“, изјави Кучерка за чешките медиуми.

Во својата кариера Јозеф Кучерка долго време настапуваше во Франција, најпрво играше за Ајачио, а потоа и за Сен Рафаел. Со репрезентацијата на Чешка има настапувано и на големите натпреварувања.