Има пари во ракометот: Алборг оствари голем профит минатата сезона!

Екипата на Алборг, која има големи амбиции во годинешната сезона во Лигата на шампионите, во претходната сезона иако не успеа да обезбеди пласман на Ф4 турнирот, сепак оствари профит од околу 1,5 милиони дански круни, односно 250.000 евра.

Од раководството на Алборг се надеваат дека профитот во годинешната сезона ќе биде уште поголем, откако во редовите на данскиот вицепрвак пристигна ракометната ѕвезда Микел Хансен.

Финансискиот профит е остварен од продажбата на сезонските билети, како и големата поддршка од партнерите на клубот. Алборг минатата сезона ја загуби шампионската титула од ГОГ, но сепак, успеа преку вајлд-карта да обезбеди место во Лигата на шампионите.

Пред извесен период клубот ја продолжи соработката со еден од најголемите таленти во Данска, Мадс Хоксер, кој на почетокот на новата сезона пристигна во Алборг, по само осум одиграни натпревари доби продолжување на договорот.

Во следната сезона во Алборг ќе пристигнат и Никлас Ландин од Кил, Томас Арнолдсен од Архус и Симон Халлд од Фленсбург, па така интересот за следење на натпреварите на Алборг, како на домашна, така и на меѓународна сцена ќе биде уште поголем.