Имаше понуда од Израел, но одлучи да се врати во Ѓорче Петров

Амбициозната екипа на Ѓорче Петров доби уште едно засилување за новата сезона, а и ова е втората ракометарка која доаѓа од редовите на Чаир. Бекот Марија Николовска им се придружува на ѓорчепетровки кои во новата сезона ќе бидат конкуретни за висок пласман.

Марија Николовска им се придружува на Симона Стојановска, Анастасија Николовска, Ана Марија Коларовска и Симона Василева со што екипата полека се комплетира. Таа настапува на позицијата среден бек, но може да игра на сите бековски позиции.

Од редовите на Чаир претходно редовите на ѓорчепетровки ги засили и Анастасија Николовска.

За новата сезона, Николовска добила понуда и од Израел, но добриот проект на Ѓорче Петров бил причина да остане во Македонија.

„Покана добив од Владимир Радиќ и Милева Велкова и заедно со новиот тренер на екипата, Оливер Димитриоски ме запознаа со новиот проект. Прво, имав опција да го продолжам договорот со Чаир, но условите не беа такви како што очекував. Потоа, стигна и понудата за Израел, но поради неколку причини не ми одговараше таа понуда. Ѓорче Петров се покажа како најдобра опција која можев да ја одберам. Оваа година очекувам добра и интересна сезона, како и висок пласман на нашата екипа”, изјави Николовска за 24 Ракомет.

Својата кариера, Николовска ја стартуваше токму од Ѓорче Петров. Потоа беше дел од екипите на Вардар, Спартак и Чаир.