Имаа само седум ракометари во составот – и победија!

Ракометарите на Делчево Вардар издвојуваа голема победа против Македонија ЃП со 32:30 во рамките од плеј-аут фазата од Првата лига. Борбениот дух и мотивацијата на составот на Делчево Вардар беа пресудни за освоената битка.

Составот на Македонија ЃП започна со водство од 2:0, а по пет минути игра имаше и 4:2. Борбените ракометари на Делчево Вардар кои допатуваа во Скопје со само седум ракометари, направија мини серија и преку Ѓоргиевски го израмнија резултатот на 5:5.

Истиот ракометар го донесе и првото водство за својата екипа во текот на 12. минута од 6:7. Кризата во екипата на Македонија ЃП се одрази и на самиот резултат, па така Делчево Вардар ги искористи своите шанси и за прв пат се одлепи на плус три, 8:11. Македонија ЃП со серија од 4:0 направи кам бек на натпреварот и го сврте резултатот во своја корист, 12:11, а на пауза ракометарите на Делчево Вардар заминаа со предност од 16:18.

Слична беше ситуацијата и во второто полувреме. Со многу осилации на играта и кај двете екипи, Делчево Вардар подобро се снајде во бркотницата низ теренот и успеа да дојде до солидно водство од плус три, 21:24, во 40. минута. Водството на Делчево Вардар беше успешно сочувано до крајот на натпреварот.

Најефикасен во составот од Дечево беше Гоце Ѓоргиевски со 12 гола. Во редовите на Македонија ЃП, најефикасен беше Никола Иванов со десет гола.