Изненадувачки трансфер: Палмарсон си оди од Алборг, се враќа во татковината!

Еден од најдобрите ракометари на светот, средниот бек Арон Палмарсон реши да го напушти данскиот вицепрвак Алборг поради семејни причини.

Раководството на клубот преку социјалните мрежи ја информираше тамошната јавност дека искусниот ракометар се враќа во својата татковина. Според информациите, ракометарот од Исланд ќе го напушти Алборг по крајот на оваа сезона, но постои опција тоа да биде и во текот на месец јануари.

Палмарсон во Алборг пристигна во текот на 2021 година од редовите на каталонскиот гигант Барселона и со клубот потпиша тригодишен договор, до јуни 2024 година. Сепак. Поради семејни причини Палмарсон се враќа на Исланд по 14 години.

32 годишниот ракометар својата кариера ја започна во тимот на Хафнарфјордур и како тогашна потенцијална надеж на исландскиот ракомет веднаш беше забележан од страна на бундеслигашот Кил каде мина шест сезони.

Според медиумите во Данска, Палмарсон ќе продолжи токму во неговиот матичен клуб Хафнарфјордур каде ќе биде големо засилување за тимот, кој моментално се наоѓа на 2. позиција во шампионатот на Исланд.

Средниот бек откако го напушти Кил се пресели во редовите на Веспрем. Во унгарскиот тим настапуваше две сезони, 2015/16 и 2016/17. По Веспрем, нова дестинација на Палмарсон беше Барселона. Во актуелниот европски првак беше ангажиран на четири сезони.