Избраниците на Лазаров победија и во Бутел

Новиот суперлигаш со шампионски амбиции предводен од селекторот Кирил Лазаров го совлада Бутел на гостински терен со 20-22 (9-11). Бутел имаше можност со бод од овој дуел да влезе во битка за четвртата позиција во плеј-оф фазата, која води во Европа, но немаа квалитет и сили за последниот исчекор.

Домашните ракометари одлично го отворија натпреварот и со низа од 3-0 поведоа вов воведот на овој дуел, но наместо да го продолжат започнатото темпо дозволија противникот комплетно да се врати игра и по 18 минути да има и два гола предност (4-6), разлика која гостите ја задржаа до крајот на првото полувреме за конечни 9-11.

Алкалоид ја задржа предност и на почетокот на вториот дел, а во 43 минути ја зголеми и на „плус три“. Бутел до 48 минута успеа да намали на минимален гол заостаток, но грешка во напад, украдена топка и брза реализација го врати гостинскиот тим на безбедна позитива од 16-18, а бргу потоа ја вратија и највисоката разлика, за 16-19. Разлика се одржуваше до самиот крај на натпреварот, во 53 минута Алкалоид ги имаше и највисоките „плус четири“, а Манасков на минута пред крај го врати домаќинот на „минус два“, разлика која беше доволна за гостите да прослават нови бодови. Манасков од контра напад имаше шанса да ги направи последните 10 секунди од дуелот интересни, но беше непрецизен, а резултатот остана 20-22 за нови бодови за Алкалоид.

Мартин Серафимов го предводеше нападот на Алкалоид со 7 голови, а Џонов постигна 3. Кај домаќините Николов имаше 7 погодоци, а Мојсоски го следеше со 4.