Беше професионален фудбалер, а сега соиграчот на Пешевски стана ѕвезда на Исланд

Селекцијата на Исланд приреди големо изненадување, откако со преполовен состав славеше над олимпискиот првак Франција. Земјата со 400.000 жители, уште еднаш покажа дека има нови и нови генерации квалитетни ракометари.

„Рибарите“ и да беа комплетни, со сите осум заразени ракометари, сигурно немаше да ги прогласиме за фаворити против Франција, а покажаа дека и „вториот“ состав е кадарен за големи нешта.

Во прв план беше Виго Кристијансон, кој настапува заедно со Жарко Пешевски во бундеслигашот Штутгарт. Тој постигна девет гола за само 35 минути на терен. Ракометната кариера на овој 28-годишен Исланѓанец почна пред само осум години.

Кристијансон имаше сериозна фудбалска карира, настапуваше за младинската селекција на Исланд, а како член на Бреидаблик играше во Лигата на Европа на УЕФА во сезоната 2012/13.

Истата година се одлучи да го остави фудбалот и да му се посвети на ракометот. Играше за данскиот Рандерс, австрискиот Вест Виен, пред да се пресели во Лајпциг, кој се откажа од неговите услуги.

Следуваше трансфер во Вецлар, а од сезонава е член на Штутгарт. Сениорски репрезентативец е од ЕП 2020 година и пружа одлични партии во дресот со националниот грб.

Исланд по одличната партија против Франција останува во игра за полуфиналето, а допрва треба да игра со Црна Гора и Хрватска.