Играше за Вардар и Еурофарм Пелистер, сега го засили Нексе!

Хрватскиот вицепрвак Нексе за новата сезона создаде квалитетен тим со кој може да ги симне Загреб од тронот на домашна сцена.

Нов играч во ростерот на Бранко Тамше е екс ракометарот на Вардар и Еурофарм Пелистер, Ловро Јотиќ.

Повремениот репрезентативец на Хрватска редовите на амбициозниот клуб од Нашице ги засили од бундеслигашот Лајпциг.

Јотиќ во најсилната лига на светот играше во последните две сезони. На своја адреса имаше уште неколку понуди, но се одлучи да се врати во својата татковина.

Искусниот ракометар во Хрватска настапуваше за Загреб, Умаг, Замет и Дубрава, додека на интернационално ниво беше дел и од дански Алборг.

Во Нексе пристигнаа и Марко Безјак од европскиот шампион Магдебург, потоа Мануел Штрлек од Веспрем, Огњен Цениќ од вториот тим на Барса, Адир Кохен од Трембле и десното крило од Целје, Гал Маргуч.

Нексе во новата сезона повторно ќе биде дел од Лигата на Европа. Избраниците на Тамше во групната фаза ќе играат против Бистрица, Скјерн и со победникот од квалификацискиот двобој меѓу Брага и Тримо Требње.