Иван Марковски: Металург е голем бренд и местото му е меѓу најдобрите

Иван Марковски ќе го предводи Металург и во наредните три години. Поранешниот македонски репрезентативец дојде на клупата во Автокоманда пред финишот на сезоната, кога работите не одеа во најдобра насока.

Но, заедничката визија и цел Металург да се врати на старите патеки, ја продлабочија соработката и взаемната доверба.

„Потпишавме тригодишен договор со Металург на обострано задоволство. Благодарен сум на претседателката Зорица Блажевска и на целиот менаџмент на клубот што ми дадоа доверба. Овој месец и половина колку што сум во клубот беа доволни да изградиме меѓусебна доверба и со тимот и со раководството на клубот. Заедничка цел е Металург да се врати на старите патеки и верувам ќе успееме во тоа. Металург е голем бренд, местото му е меѓу најдобрите и не смее да биде никако поинаку“, истакнува Иван Марковски по потпишувањето на тригодишниот договор со клубот од Автокоманда.

Обезбедената тренерска позиција и продолжувањето на договорот со искусниот хрватски репрезентативец Златко Хорват за наредните две сезони, е првиот чекор со кој Металург потврдува дека во новата сезона ќе стартува на стабилна основа.

„Мојот договор и продолжувањето на соработката со Златко Хорват е најдобра порака дека Металург е сериозен клуб и јас сум убеден дека ќе има што да кажеме и во финишот на оваа и во следната сезона. Примарна цел е да обезбедиме излез во Европа и паралелно да го градиме тимот за следната. Хорват е првиот чекор во таа насока. Негова желба беше да остане во Скопје и во Металург.  Клубот тоа знаеше да го почитува и за мене како тренер претставува големо задоволство што ја продолжуваме соработката и што во својот тим имам играч од таков калибар, со огромно искуство и квалитет“, вели Марковски.

Во Металург веќе е комплетирана листата и проекцијата на тимот за следната сезона во кој како што најави Марковски, деновиве ќе бидат промовирани и две нови имиња.

„Во договор со претседателката на клубот, веќе ја комплетиравме листата и во тек се преговори со играчите со кои сакаме да ја продолжиме соработката и со две нови засилувања кои ќе бидат обелоденети во наредните денови. Во натпреварите што ни претстојат секој ќе има шанса да докаже дека го заслужува своето место во составот на Металург. Се потпираме исклучиво на квалитет. Во изминатиов период покажавме дека може да играме и да функционираме на високо ниво, кога ќе се среди целата ситуација, верувам дека ќе биде уште подобро. Градиме тим и проект во кој треба да веруваат и другите субјекти кои вложуваат во клубот. Ветувам работа и прогрес, во периодот што следува ќе го потврдиме тоа“, истакнува Иван Марковски.

Металург моментно е на шестатат позиција на табелата во суперлигашкиот плеј-оф и се бори за место во првите четири што носи настап во европските купови. А до крајот на сезоната „металурзи“ ги очекува и настапот во завршницата од Купот на Македонија.