„Змиите“ со една нога на Ф4, Крим не беше закана

Европскиот првак Кристијансанд е на чекор до пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите, откако славеше над Крим среде Љубљана со убедливи седум гола разлика, 25-32.

Ракометарките на Крим предводени од Ана Грос одлично парираа до првата половина од првиот дел. Домаќинките во неколку моменти беа во водство, а по нерешениот резултат од 5:5, Вајперс Кристијансад со два гола во низа се одлепи на плус два, 5:7. Одлични меѓу стативите беа голманките на двата табора, Јована Рисовиќ и Катрин Лунде, кои имаа по 6 интервенции за 20 минути.

Вајперс Кристијансад започна постепено да создава резултатска предност, која најчесто беше три до четири гола разлика. Крим не можеше да се врати во игра и сѐ почесто грешеше во нападите. Актуелниот европски шампион на полувреме замина со солидна предност од 10:14.

Во вториот дел „змиите“ уште повеќе ја зголемија предноста и веќе може да размислуваат за патувањето во Будимпешта на завршниот турнир, каде веќе е пласиран францускиот Мец.

Најдобра кај Вајперс беше Ана Дебелиќ со девет гола, додека за Крим, Ана Грос постигна осум погодоци.