Зенит испушти победа, екс вардарец и донесе бод на ЦСКА Москва

Откако екипата на Нева се ребрендираше и стана Зенит, денес тимот од Санкт Петербург во својот прв официјален натпревар под новото име одигра одличен натпревар на домашен терен.

Тимот на Зенит во натпревар од 1. коло од СЕХА лигата одигра нерешено против рускиот вицепрвак ЦСКА Москва, 29:29, во рамки од дивизијата „Исток“.

Московската екипа во најголемиот дел од првите 30 минути имаше предност од два-три гола разлика, но амбициозниот тим во последните пет минути од првото полувреме ја презеде контролата на резултатот и на пауза замина со предност од 16:14.

Зенит во еден момент во вториот дел се одлепи на плус четири гола разлика, 19:14, но не успеа до крај да ја сочува предноста и им дозволи на гостите да се вратат во игра.

При водство на домаќините од 29:28, искусниот ракометар на ЦСКА Москва и екс ракометар на Вардар, Дмитри Киселев во последната минута го постигна голот за конечни 29:29.

Токму Дмитри Киселев беше најефикасен на средбата со девет гола од 12 обиди. Во составот на Зенит се истакна Михаил Гредасов со седум гола.