Залудни 11 гола на Милосављевиќ – ФТЦ со цел плен се враќа во Будимпешта

Ракометарките на ФТЦ Раил Карго на гостувањето во Копривница кај хрватскиот шампион, Подравка, забележаа триумф од 33:29, во заостанатиот натпревар во рамките од 12. коло од Лигата на шампионите.

Овој натпревар требаше да се одигра минатиот викенд, но беше одложен за денес, бидејќи во екипата на Подравка неколку ракометарки беа позитивни на Ковид 19.

Ракометарките на гостинската екипа од Унгарија рутински стигнаа до новите бодови, иако на полувреме имаа негатива од 16:15. Избраничките на Горан Мрѓен целосно паднаа во второто полувреме и никако не можеа да се вратат во игра.

Најдобра на теренот беше ракометарката од редовите на Подравка, Дејана Милосављевиќ со 11 погодоци од 18 обиди. Во екипата на ФТЦ Раил Карго прв стрелец беше репрезентативката на Унгарија, Сандра Солоши Зачик со седум погодоци.