Заедно во репрезентација, заедно и во клуб

Црногорскиот шампион Будуќност пред самиот почеток на новата сезона ја назначи поранешната репрезентативка на Црна Гора, Маја Савиќ како помошен тренер, односно асистент на главниот тренер, Бојана Поповиќ.

Ваквото решение од поранешниот европски шампион беше сосема очекувано.

Пред заминувањето на црногорската репрезентација на Олимписките игри во Токио, Савиќ ја доби функцијата помошен тренер во репрезентативниот табор под водство на Бојана Поповиќ, но некогашното играчко репрезентативно и клупско дуо немаше решение за подобри резултати на своите избранички.

Маја Савиќ долго време го водеше вториот тим на Будуќност од каде и потекнуваат поголемиот дел на ракометарки кои сега го носат сениорскиот дрес на екипата од Подгорица. Поранешната црногорска репрезентативка беше селектор на кадетската и младинска репрезентација на Црна Гора и работењето со младите играчи и оди од рака.

Савиќ беше тренер и на младинските тимови на Будуќност и Даниловград. Најголемо признание добива во 2001 година на Светското првенство во Италија кога беше избрана за најдобро лево крило, а селекцијата на Југославија тогаш го освои третото место.

Легендарната ракометарка во својата играчка кариера беше дел од екипите на Будуќност, Виборг, Копенхаген и Шлагелсе.