Загреб сака да биде Вардар – донесе уште еден екс член на „црвено-црните“!

Екипата на Загреб, која пред извесен период ги започна подготовките за претстојната сезона и настапи на традиционалниот ТВ турнир на шампионите во Добој, се пофали со ново име во своите редови.

Нов член во таборот на „плинарите“ е репрезентативецот на Полска и екс член на Вардар, Патрик Валчак.

Кружниот напаѓач во тимот на Славко Голужа пристигнува од Спортинг Лисабон, клуб во кој настапуваше само во претходната сезона. Загреб и Валчак се договорија на едногодишна соработка.

Полскиот репрезентативец кариерата ја започна во Гдањск, а настапуваше и за Погон Шчечин и Келце. Од Келце една сезона беше позајмен на францускиот Маси од каде што замина за Либек од Германија. Од Либек во текот на 2020 година направи трансфер во поранешниот шампион на Македонија, Вардар.

Валчак минутажата во хрватскиот гигант ќе ја дели со Адин Фајиќ и Матиц Сухолежник, а ќе настапува со неговите колеги од Вардар, Тимур Дибиров, Иван Чупиќ и Куни Моралес.

Загреб во новата сезона повторно ќе биде дел од европската елита, но пред себе има тешка група и реномирани ривали.

Хрватскиот шампион во европската елита за ривали во Лигата на шампионите ги има македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, амбициозниот Колштад, францускиот ПСЖ, бундеслигашот Кил, полскиот Келце, данскиот вицепрвак Алборг и тимот на ПИК Сегед од Унгарија.