Заврши српската бајка – Шпанија е во финалето на ЕП!

Првото полуфинале на младинското Европско првенство во Португалија, заврши со триумф на Шпанија над Србија со 32-29.

Иако Србите по победите во групната и главната рунда, се чини дека премногу самоуверено влегоа во мечот и тоа им се одби од глава.

По десетина минути „фуријата“ поведе со 8-1 и веќе беше јасно дека ќе биде многу тешко за Србија да се врати од ваква негатива. До крајот на полувреме, Шпанија имаше предност од пет гола, 15-10.

На стартот на вториот дел Србија намали на 15-12, но потоа следуваше нов период на лоша игра и ривалот пак беше на плус седум, 19-12.

Избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ во финишот во неколку наврати успеаја да стигнат до минус два, но немаа сили да направат комплетен камбек и ќе мора да се задоволат со борбата за трето место.

Гури и Љамазарес дадоа по шест гола за Шпанија, додека Милош Кос стрелаше девет пати за Србија. Овој натпревар одлично го судеше македонската двојка Ненад Николовски и Исмаил Металари.