„Живееме во поднебје каде сите се селектори, а не знаат во какви околности работиме“

Репрезентациите на Хрватска и Србија одиграа две пријателски средби од затворен тип, а си поделија по една победа.

Двете селекции не беа комплетни и во најсилните состави, но Урош Брегар и Ненад Шоштариќ имаа можност да проверат дел од младите сили.

Хрватскиот селектор Шоштариќ, уште еднаш истакна лошата ситуација со женскиот ракомет во неговата земја.

„Овие проверки ни значеа и нас и на Србија. Живееме на поднебје каде сите се селектори, а не знаат дека работиме во околности кога нашите младински репрезентативки после таа селекција се решаваат да студираат или да работат, наместо да продолжат во спортот. Кога играте на пример против Франција, која бира најдобар состав од 700 ракометарки, колку што нема вкупно во Хрватска, јасно е дека медалот што го освоивме на ЕП 2020 беше чудо“, вели Шоштариќ.

Хрватска со Шоштариќ освои бронзен медал на ЕП 2020 во Данска, но потфрли на СП 2021 и ЕП 2022, па сега посакува пласман на СП 2023, но тоа ќе мора да го направи во бараж двомеч против Словачка.