Женската лига продолжува, одложени само натпреварите на Деспина

После појавувањето на првите позитивни случаи на ракометарки кои се дел од Женската лига екипата на Деспина е во изолација. Сепак, нема да има одлагање на целиот шампионат туку ќе дојде само до одлагање на неколку средби.

Натпреварите од 5. и 6. коло од Супер женската лига продолжуваат според планот така што веќе е сосема извесно дека в петок и в недела ќе има натпревари.

Меѓутоа и во двете кола ќе има по две одложени средби од различни причини.

Натпреварите Овче Поле СУ – Деспина и Деспина – Шампион мораше да бидат одложени поради тоа што во тимот на Деспина има заразени ракометарки со вирусот Ковид 19. Овие средби ќе се играат во дополнително закажани термини.

Дуелот Чаир – Вардар требаше да се игра синоќа, но беше одложен, а ова е средба од 5. коло. Што се однесува до двобојот Ѓорче Петров ЖРК – Чаир тој место в недела ќе се игра во вторник. За овие два натпревари причината е во учеството на Чаир во Европскиот куп. Овој тим в сабота игра против Наиса од Ниш во Скопје.