Корона влезе и во Женската лига – позитивни ракометарки во Деспина!

По 46 официјално потврдени позитивни случаи во Суперлигата и уште неколку што не беа официјализирани, коронавирусот се појави и во Женската лига по четири одиграни кола.

Според информациите на 24Ракомет, во тимот на Деспина од Прилеп има позитивни случаи на Ковид-19, а тoа внесе паника во редовите на Чаир, кој последен играше со прилепскиот тим.

Чаир синоќа од 20:30 часот требаше да го одигра натпреварот против Вардар, кој беше од 5. коло, а беше закажан предвреме поради настапот на Чаир во ЕХФ Купот претстојниот викенд, но и тој превентивно одложен.

Ракометарките на Чаир денеска ќе се тестираат, како дел од редовната процедура пред европски натпревар, кој го играат в сабота против српскиот тим Наиса од Ниш.

Каков ќе биде ставот на РФМ по ова прашање, дали ќе го суспендира натпреварувањето во Женската лига или ќе ги одложи само натпреварите на Деспина (против Овче Поле СУ и Шампион), останува да видиме во следните денови.

Кај дамите, исто како и кај мажите во Суперлигата, пред стартот на сезоната се правеа тестови кај сите ракометарки и стручниот штаб, а пред другите натпревари се бираа три до пет ракометар(к)и, кои беа тестирани.