Желбите се остварливи, и кадетскиот ракометен сон може и треба да стане јаве

Женската кадетска репрезентација на Македонија е пред голем предизвик- ќе игра за трофеј на ЕХФ шампионат, за пласман ЕП во кадетска и младинска конкуренција, но и за пласман на младинскиот Мундијал! Влоговите се големи, желбите остварливи, шансите еднакви.

Без селекторот Љубомир Савевски, без Александра Коловска,(отсуствуваат поради црвен картон), со 15 ракометарки во ростерот, а со Јулијана Дамчевска на клупата, Македонија денеска ќе се бори против Исланд, кој направи изненадување и ја совлада Шпанија во полуфиналето.

Македонските ракометарки ќе играат за пласман, за престиж, за да докажат дека можат и против сите неправди, да му заблагодарат на селекторот за добиената шанса. Заслужија почит за тоа што стигнаа до финале, ги оставија зад себе селекциите на Литванија, Косово, Финска, Полска и Шпанија. Ја вратија надежта во женскиот ракомет, иднината и вистинскиот пат по кој македонскиот ракомет треба да се движи. Патот е светол и води кон европската елита, останува последниот чекор за враќање на младинскиот ракомет меѓу 16 најдобри континенатални репрезентации. А од таму поинаку ќе изгледаат ракометните предизвици.

Вечерва од 17:00 часот во “Свитурио Арена” во Клаипеда, очите на тие што го поддржуваат македонскиот ракомет ќе бидат вперени кон ЕХФ ТВ и преносот од литванскиот град, кон Младеновска, Ризоска, Јовановска, Пешиќ, Еленин, Дукоска и сите останати девојки што ќе се појават на теренот.

Патот на женскиот ракомет започна од младинското Светско првенство во Бразил 1995. Кога никој не веруваше во успех, Македонија без помпа замина за Германија на светското сениорско првенство во 1997 година. Сè потоа е историја…

Девојки, одиграјте за себе и за Македонија, направете ги уште еднаш горди Кастратовиќ, Радуловиќ, Нацева, Велкова, Наумовска, Чупиќ, Филиповска, Абрамова, Платон, Кисељева и следете го нивниот пат…