Жарко Пешевски се израдува на важна победа

Тројца македонски репрезентативци вечерва беа на терените во Бундес лигата. Единствениот кој се израдува на победа беше Жарко Пешевски со Штутгарт кој славеше на гостувањето кај Нордхорн со 29:26.

Штутгарт потполно доминираше на овој натпревар и сосема заслужено ги освои бодовите кои значат многу за обезбедување опстанок. Веќе на полувреме ја најавија победата кога водеа со 17:11, а во продолжение само ја потврдија победата. Жарко Пешевски постигна еден погодок.

Мартин Томовски со Лудвигсхафен имаше тешко гостување кај Магдебург каде што забележа убедлив пораз со 29:37. Фаворитот на мечот ја оправда улогата и без проблеми стигна до победата.

На полувреме Магдебург водеше со 23:14 и практично ја имаше обезбедено победата после 30 минути. Мартин Томовски бранеше нешто повеќе од 30 минути и забележа седум интервенции.

Филип Миркуловски со Вецлар доживеа нов пораз откако загубија на гостувањето кај Балинген со 28:30. Иако на полувреме Вецлар водеше минимално со 17:16, сепак, до крај Балинген направи пресврт и стигна до многу важна победа во борбата за опстанок. Филип Миркуловски не успеа да постигне гол, а имаше една аситенција.