ЕХФ бара домаќини на ЕП 2030 и 2032 година

Европската ракометна федерација испрати информација до сите национални федерации дека почнува процесот за аплицирање за домаќинствво на следните големи настани.

Во прашање се Европските првенства во машка и женска сениорска конкуренција што треба да се одржат во 2030 и 2032 година. Писмата на интерес заинтересираните федерации треба да ги испратат најдоцна до 1 ноември 2023 година, а апликациите до 1 јуни 2024 година.

Извршниот Комитет на ЕХФ до крајот на месец јуни 2024 година ќе одлучи кои апликации остануваат во конкуренција, а домаќинствата ќе бидат доделени во декември 2024 година.

Датумите веќе се најавени, а ќе бидат потврдени следната година. Машкото ЕП 2030 година ќе се игра од 10 до 27 јануари, додека ЕП 2032 година ќе се игра од 15 јануари до 1 февруари.

Кај дамите, ЕП 2030 година е планирано од 28 ноември до 15 декември, додека ЕП 2032 година треба да се игра од 2 до 19 декември.

ЕП 2024 кај мажите ќе се одржи во Германија, ЕП 2026 во Данска, Шведска и Норвешка, додека ЕП 2028 во Швајцарија, Шпанија и Португалија.

ЕП 2024 кај жените ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија, за ЕП 2026 најсериозен кандидат за домаќин е Романија, додека домаќини на ЕП 2028 година ќе бидат Данска, Шведска и Норвешка.