Еурофарм Пелистер 2 на чекор до историја, го нокаутира Пролет и ќе се бори за Ф4 во Купот!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се на прагот на голем успех, откако го добија полуфиналниот двобој со Пролет од групите во Купот на Македонија со 20-28. Избраниците на Александар Јовиќ го надиграа домаќинот во сите сегменти од играта и заслужено ќе играат меч со Прилеп за место на Ф4.

Пролет водеше  само на два пати во овој дуел, со 6-5 и 7-6. Од средината на првиот дел се беше во знакот на пелистерци, кои и со ослабен ростер без повредените Димитриоски, Талевски, Димитровски и Петровиќ му држеа лекција на домаќинот. Одличен на голот беше Трајкоски, па битолчани по првиот дел обезбедија плус три, 8-11.

По 13-17, тргна една серија на гостите од Битола од четири погодоци за 13-21 и тука веќе беше решен победникот. До крајот падна мотивацијата кај Пролет, па ниту Еурофарм Пелистер 2 не форсираше и само рутински го доврши мечот за конечни плус осум, 20-28.

Најдобри стрелци кај Еурофарм Пелистер 2 беа Цветан Кузманоски со седум гола, како и Ѓукиќ и Ѓорговски со по пет, додека кај Пролет се истакнаа Џонов и Палевски со по четири погодоци. Битолчани ќе се борат со Прилеп за место на завршниот турнир во Купот на Македонија, каде што веќе се пласираа Вардар и Бутел Скопје.

Куп на Македонија, четвртфинални групи: 

Група А
ТИКВЕШ слободен
ЈУНИОР КВ – ВАРДАР 23:40
ВАРДАР – ТИКВЕШ 33:23

Група Б
БУТЕЛ – СКОПЈЕ 25-20
СТРУГА – АЕРОДРОМ 32-30
БУТЕЛ – СТРУГА 29:23

Група В
ДРАЧЕВО – ОХРИД 27:41
АЛКАЛОИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 26:32
12/3, 19:30 часот, ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР (Боро Чурлевски)

Група Г
ПРОЛЕТ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 20-28
ПРИЛЕП – ГОЛДЕН АРТ 30-25
??? ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – ПРИЛЕП