Тиквеш и со 12 играчи го мачеше Вардар, ама шампионот со „десетка“ се пласираше на Ф4 во Купот

Само 17 часа откако триумфираа во полуфиналето на Група 1 од четвртфиналето на Купот на Македонија, ракометарите на Вардар со нова победа, овојпат против Тиквеш  33-23 (15-14) обезбедија место меѓу најдобрите четири екипи и ќе се борат за одбрана на Куп трофејот.

За разлика од полуфиналето од групата против Јуниор Кисела Вода, кога Вардар победи убедливо со 40-23 сега „црвено-црните“ мораа малку подобро да се намачат против суперлигашот од Кавадарци. Па и тренерот Давид Дејвис мораше да игра со најдобрите, зашто реултатот постојано беше „тесен“. Допатуваа гостите со 12 ракометари, и беа без двајца клучни играчи, Стефан Трпчевски и Јане Јанчев, ама тимот од Кавадарци играше на ниво на кое го тераше Вардар да се поти, а тренерот Давид Дејвис да ја бара поставата со која ќе може да направи резултатски исчекор.

Дури и со расположениот голман Александар Стојановски меѓу стативите, Тиквеш немаше доволно сила за изненадување. Водеше 10-15 минути во првото полувреме, недоволно за изнанедување. Откако во 42 минута „црвено-црните“ првпат поведоа со „плус 5“ за водство 22-17 веќе немаше никакви дилеми. Стојановски имаше и неколку интервенции и во вториот дел, но резултатот веќе беше во корист на домашните ракометари.

Финалниот турнир од Купот на Македонија треба да се игра во мај, а дополнително ќе биде одредено местото и полуфиналните двојки. Бранител на титулата е Вардар кој е најуспешен тим со 14 Куп титули.

Александар Стојанов, гостинскиот голман беше меѓу најзаслужните што Тиквеш имаше активен резултат во првото полувреме, и што неколкупати кавадарчани имаа и предност од „плус 2“ против фаворитот. Тој сопре доста топки, некои и „живи“ ги фаќаше оневзоможувајќи му на Вардар да се врати во игра и да брка негатива. Од друга страна и одбраната на домашните делуваше премногу „мека“ и далеку од она што го покажуваат во лигата на шампионите. Примаа лесни голови, премногу пукнатини во одбрана што гостинските играчи умееја да го искористат.

Во 23 минута Тиквеш имаше водство од 12-10, а потоа и лош период во пет минути во кој Вардар не само што израмни, туку и поведе. Прво Дибиров во 26 минута погоди за 12-12, а потоа Оливие Њокас за водство 13-12. Последниот напад пред заминувае на одмор на полувреме го има гостите, но не упатија удар.

Второто полувреме сосема поразлично, Вардар ја презема иницијативата и водството. За три минути играње беше 17-14, па иако потоа Тиквеш намали на 17-16, брзо се се врати во нормала. По водството од 22-17 во 42 минута се беше во знак на Вардар. Имаше предност Вардар и од 26-19. Кога разликата веќе беше 6-7 гола шанса добија и Додиќ, Карапалевски, Савревски и Гогов. На крајот победата на Вардар дури беше и убедлива, 33-23

Кај домашните најефикасни беа Тимур Дибиров со 7 гола, а Оливие Њокас постигна 6. Кај гостите најпрецизен беше Стахиња Симиќ со 7 гола.