Еурофарм Пелистер лесно го мина прволигашкиот лидер

Еден од фаворитите за освојување на годинешната титула во Купот на Македонија, Еурофарм Пелистер, имаше лесна задача против Алкалоид, обезбеди победа со 32:26, во натпревар од првото полуфинале од Групата В. Во финалето од оваа група, Еурофарм Пелистер ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Драчево и Охрид.

Екипата на Еурофарм Пелистер уште од самиот почеток го покажа својот квалитет и преку брзи напади лесно доаѓаше до погодок. Танкоски и Костески беа првите стрелци за „фармацевтите“. Еурофарм Пелистер со нивните погодоци во воведниот дел поведе со 2:0. Гостинот од Скопје, кој на овој натпревар беше формално домаќин, не можеше да следи, но во одредени моменти од првото полувреме му парираше на поискусниот противник.

Ракометарите на Жељко Бабиќ по десет минути игра имаа активен резултат од 8:3. Битолчани до крајот на првото полувреме константно беа во водство, најчесто од три до четири гола разлика. Алкалоид во 25. минута со погодокот на Ивановски намали на минус два, 13:11. Составот на Еурофарм Пелистер го задржа стекнатото водство и на полувреме замина со три позитива, 16:13.

Алкалоид во второто полувреме никако не можеше да дојде до помала негатива од три гола. Поискусните ракометари на Еурофарм Пелистер речиси секоја грешка на противникот ја казнуваа со погодок и по неколку минути игра во вториот дел дојдоа до највисоко водство од плус седум, 23:16.

Овие седум гола позитива за Еурофарм Пелистер беа сосема доволни за целосна контрола на резултатот во последните дваесетина минути, кои беа само чиста формалност и лесна задача за победникот.

Најефикасен во победничката екипа беше Ненад Костески со пет погодоци. Во екипата на Алкалоид се истакна Игор Ѓорѓиев со шест погодоци.

Куп на Македонија, четвртфинални групи: 

Група А
ТИКВЕШ слободен
ЈУНИОР КВ – ВАРДАР 23:40
12/3, 12:00 часот, ВАРДАР – ТИКВЕШ (Јане Сандански)

Група Б
БУТЕЛ – СКОПЈЕ 25-20
СТРУГА – АЕРОДРОМ 32-30
БУТЕЛ – СТРУГА 29:23

Група В
12/3, 13:00 часот, ДРАЧЕВО – ОХРИД (Боро Чурлевски)
АЛКАЛОИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 26:32
12/3, 19:30 часот, ДРАЧЕВО/ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР (Боро Чурлевски)

Група Г
12/3, 18:30 часот, ПРОЛЕТ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 (Македонско Сонце)
12/3, 18:00 часот, ПРИЛЕП – ГОЛДЕН АРТ (Р.Р.Ричко)
??? ПРОЛЕТ/ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – ПРИЛЕП/ГОЛДЕН АРТ