„Еурофарм Пелистер 2 е вистинско место за развој на мојата кариера“

Екипата на Струга дава голем придонес во развојот на македонскиот ракомет со постојаното појавување на нови таленти. Од овој клуб произлегле голем број на ракометни имиња како Наумче и Златко Мојсоски, Никола и Велко Маркоски, Ненад и Никола Косетски, Ацо Јоновски, Цветан Кузманоски…

Кружниот напаѓач Петар Маркоски со своите одлични настапи во изминатата сезона си обезбеди трансфер во вториот тим на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер и покажа дека има репрезентативен потенцијал, особено што станува збор за играч кој игра во два правци. Младиот ракометар со битолскот тим постигна соработка, која ќе биде со важност до 2026 година и во Битола ќе има можност да се надоградува како играч со поквалитетни тренинзи и натпревари.

Маркоски се надева дека направил добра одлука со потпишувањето за вториот тим од Битола. Еурофарм Пелистер 2 за Маркоски ќе биде втор клуб во неговата кариера, па затоа ракометарот од Струга ќе посакува да се покаже во добро светло низ натпреварите во суперлигашката конкуренција.

,,После добро одиграта сезона имав понуда од Еурофарм Пелистер 2, едноставно ми требаше нов предизвик на повисоко ниво и мислам дека после неколку разговори и комуникации со тимот од Битола и нивните амбиции за следната сезона, мојата одлука беше донесена. Со нетрпение го очекувам почетокот на новата сезона, одам во еден од најракометните градови во Македонија каде што сите луѓе живеат за ракометот и се надевам на тешка, но пред се успешна сезона за мојата екипа, како и од мене”, изјави Маркоски.

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 во регуларниот дел од новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе биде во група со Алкалоид, Скопје, Тиквеш, Куманово, Струга, Охрид и дебитантот Аеродром.

,,Во нашата група сите противници се квалитетни, ние ќе се бориме и ќе го дадеме својот максимум да стигнеме до плеј-оф натпреварувањето, па од тука од ново со мирни глави и цврста игра се надеваме на се подобар пласман. Најтешко гостување сигурно ќе ми биде во Струга против мојот матичен клуб”.

Стружанецот како и секој ракометар се надева дека еден ден ќе заигра за
„црвено-жолтиот“ дрес.

,,Секако дека во наредните години се надевам на до наградување на мојата игра, усовршување, учење на нови работи, бидејќи ракометот е живот. Сметам дека Еурофарм Пелистер 2 е правилното место за мене и за развој на мојата клупска кариера. Јас ќе работам максимално и на професионален план, па како секој играч што се надева да ги брани боите на националниот дрес, така и јас сонувам дека еден ден ќе заиграм за нашата репрезентација. Секако, најпрвин треба да се остави одличен впечаток за клубот во кој настапуваш”.

Новиот играч на Еурофарм Пелистер 2 иако со Струга не настапуваше на европска сцена, сепак, со својот матичен клуб стекнуваше големо искуство низ натпреварите на струшкиот турнир.

,,Во Струга ги поминав сите младински категории, потоа дојде настапот во Супер лигата. Бев под водство на многу различни тренери и играв со многу разни играчи од кои се обидував да извлечам и научам нешто повеќе. Имам многу добри сеќавања за мојот матичен клуб, а секако, најдобрите сеќаваеа се поврзани со учеството на традиционалниот турнир во Струга”, заврши Маркоски.

Од Еурофарм Пелистер 2 си заминаа Никола Стоилевски (Охрид) и Мартин Јовановски (Фамагуста, Кипар). Маркоски моментално е единственото засилување во „двојката“ и тој минутажата на терен ќе ја дели со Самоил Ристевски.