Еурофарм Пелистер 2 ги промовираше новите засилувања (ФОТО)

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 официјално ги претстави трите засилувања за претстојната сезона.

Нови членови на екипата која ќе ја претставува Македонија во квалификациите за Лигата на Европа се Мартин Ивановски, кој дојде од Охрид, Василије Печурица од Струга и Мартин Јовановски, кој се врати во матичниот клуб од Германија.

Младиот среден бек Ивановски за првпат ќе се проба во друг клуб.

„Мојот младински тренер Сашо Ристески контактираше со тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ и така дојде до трансферот. Јас се согласив, условите ги прифатив и мислам дека ова е чекор напред и отскочна даска во мојата кариера.Овој колектив е одличен, екипата е уште помлада од минатогодишната. Добро ме прифатија соиграчите, се чувствувам скоро како дома и се надевам на успех“, изјави Ивановски.

Црногорецот Печурица, веќе има искуство во Македонија откако играше за тимот на Струга.

„Дојдов оваа година во Македонија, откако Никола Матовиќ се повреди и ми отстапи место во Струга. Така започнав да ги покажувам моите квалитети во македонската лига. Младински репрезентативец сум на Црна Гора, имам искуство од неодамна завршеното Европско првенство и заедно со мојот менаџер Милош Павичевиќ одлучивме да дојдам овде. Заедно заклучивме дека ова е едно од најдобрите решенија за мене. Мојата амбиција е ова да ми биде отскочна даска за понатаму. Ние сме млада екипа и ни требаат многу натпревари. Со текот на времето ќе стекнеме искуство. Мирко Радовиќ на почетокот е секогаш со мене. Пред да дојдам ми рече што и да треба да му се обратам и благодарен сум што е добар кон мене“, изјви Печурица.

На голманската позиција битолчани се засилија со Мартин Јовановски.

„Драго ми е што се враќам дома. Амбиентот што го затекнав е одличен. Имаме млада екипа, доста помлада од минатата сезона. На 20 јули почнавме со подготовки, напорно тренираме и се надевам на повторување на ланскиот успех. Уште немаме информации за Алпла Хард, но наскоро ќе започнеме да се подготвуваме за Австријците. Уште не сме консолидирани, чекаме да ни се приклучат двајца ракометари кои се на подготовки со Еурофарм Пелистер, па ќе видиме како ќе се одвива сезоната“, заврши Јовановски.

Еурофарм Пелистер на 27 август гостува во Хард, а потоа на 3 или 4 септеммври ќе го одигра реваншот против австриксиот тим во Битола.