Еурофарм Пелистер се поднови со среден бек – Словенец доаѓа во Битола!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер полека го комплетира ростерот за новата натпреварувачка сезона.

Нов играч во битолскиот тим е средниот бек од Словенија, Домен Тајник, кој со раководството на Еурофарм Пелистер потпиша тригодишен договор.

22-годишниот Словенец во Битола доаѓа од Горење Велење и ќе им се придружи на сонародниците Урбан Лесјак и Нејц Цехте.

Се работи за ракометар со високи спортски перформанси, па иако е млад, има искуство од европски натпревари и трофеи со поранешниот клуб. Тајник е роден во Словење Градец, висок е 183 сантиметри, а тежок 88 килограми.

Целата кариера ја мина во Велење, а од сезоната 2017/18 е член на сениорската екипа. Со Горење Велење стана шампион на Словенија, ги освои Купот и Супер Купот на Словенија, играше во Лигата на шампионите, а последните сезони беше дел од тимот кој настапи и во Европската лига.

Тајник беше МВП на словенечкиот шампионат во сезоната 2021/22 и на Купот и Супер Купот на Словенија истата сезона. Домен Тајник ги мина сите младински категории на словенечката репрезентација, а во Оран 2022 година настапи и за сениорскиот тим на Медитеранските игри.

Ракометарот деновиве ќе пристигне во Битола и ќе му се стави на располагање на стручниот штаб. Официјалното претставување на Тајнкик во Еурофарм Пелистер е предвидено за крајот на август.