Еурофарм Пелистер носи лев бек од Елверум

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер продолжува со градењето на мозаикот за новата сезона, во која ќе игра и во Лигата на шампионите.

Според пишувањата на српски „Моцарт Спорт“ нови име во редовите на битолскиот тим ќе биде Урош Борзаш.

Српскиот репрезентативец, кој настапува на позицијата лев бек, во Еурофарм Пелистер ќе пристигне од норвешкиот вицепрвак Елверум.

23-годишниот ракометар со тимот на Елверум во изминатата сезона играше во Лигата на шампионите и елитното натпреварување го заврши со 49 постигнати погодоци, со што беше трет најдобар стрелец во тимот од Норвешка.

Борзаш пред да се пресели во Елверум две сезони настапуваше за Тулуз, додека во својата кариера го носеше дресот и на Татабања и матичниот Веспрем.

Потенцијалното ново засилување на Еурофарм Пелистер имаше одличен настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка и беше еден од предводниците во својата репрезентација.

Еурофарм Пелистер претходно се засили со Андреас Јохан Нилсен од Морс и Нејц Цехте од ГОГ. Договорот со клубот го продолжи данскиот интернационалец Каспер Кисум.