Еурофарм Пелистер и на „тренинг“ му одржа лекција на Вардар!

Еурофарм Пелистер славеше на пријателскиот натпревар против европскиот првак Вардар и тоа на гостување во Скопје со 26-21. Ова е втора победа по ред за битолчани, кои пред четири дена ги победија „црвено-црните“ во финалето на Струшкиот турнир.

Одлично отворање на средбата имаа битолчани, кои беа без столбот во одбрана Мики Кукоски. Избраниците на Бабиќ поведоа со 0-5 за осум минути игра, па Алушовски мораше да реагира со тајм-аут.

Вардарци полека ја топеа предноста, Векиќ постигна гол за 5-6 во 15. минута, па сега стратегот на битолскиот тим реагираше со минута одмор. Пелистерци пак се вратија на сигурна разлика, 6-10 во 25. минута, но на пауза заминаа само со плус еден, откако Талески и Димитриоски намалија на 9-10.

Само што почна вториот дел Еурофарм Пелистер се одлепи на плус четири, а вардарци постојано ја бркаа нивната предност. Битолчани не попуштија во темпото и на крајот успеаја да слават со пет гола, 26-21.

За Вардар не играа Кристијан Дисингер и Ловро Јотиќ, кои имаат полесни повреди, додека кај битолчани не играше Мики Кукоски поради мало истегнување на зглобот. Двете екипи се подготвуваат за обврските во СЕХА лига и во европските купови.