Еурофарм Пелистер бара вајлд карта за ЛШ – кои им се ривалите за место во елитата

Следната сезона во групната фаза од Лигата на шампионите ќе игра Вардар, но постои можност повторно Македонија да има и втор тим. Вице-првакот Еурофарм Пелистер се подготвува да ја достави апликацијата до РФМ, а потоа истата да биде проследена до ЕХФ. Од оваа есен се враќа системот од 16 екипи во ЛШ, но наместо во четири групи, екипите ќе бидат поделени во две групи по 8 екипи.

Така е загарантирано да имаат по 14 натпревари, а потоа се продолжува во осминафиналето. Според рејтингот на државите, сигурни учесници се десет екипи – ПСЖ, Кил, Вардар, Веспрем, Барселона, Келце, Алборг, Загреб, Порто и Фленсбург. Остануваат уште шест празни места, односно вајлд-карти што треба да ги додели ЕХФ, но тоа може да бидат само екипи од државите што се наоѓаат до 18 место на рејтинг листата и кои треба да исполнат одредени критериуми – сала, тв пренос, публика односно навивачи, историјат на европски настапи и буџет.

Една федерација може да испрати само по едно дополнително барање за место во ЛШ. Па така Франција се реши за Нант, а следната вајлд карта би требало да оди за унгарскиот ПИК Сегед, и доаѓаме до бројка од 12 тима. Со оглед на тоа што ЕХФ сигурно нема да сака да го загуби скандинавскиот пазар, ќе додели вајлд карта на норвешкиот или шведскиот првак – Алингсас или Елверум, а мали шанси има данскиот Гудме, кој не најави дали ќе се пријави.

За следната покана би требало да се борат екипите од поранешниот СССР – белорускиот Мешков Брест и украинскиот Мотор, а фаворит за место во ЛШ е новиот тим на Сташ Скубе. Особено што и еден од спонзорите во ЕХФ е всушност компанија блиска на Газпром кој исто така вложува во Мешков. Рускиот првак Чеховски Медведи и словачкиот Татран Прешов нема да се пријават за место во елитата, а многу веројатно на истиот чекор ќе се реши и шпанскиот вицепрвак Адемар Леон.

Еурофарм Пелистер ќе биде во друштво на екипи како Висла Плоцк, Спортинг Лисабон, Целје, Динамо Букурешт и евентуално Кадетен Шафхаузен. Освен салата, битолчани може да се носат со овие екипи во поглед на останатите критериуми и воопшто не би ги потцениле шансите вторпат по ред да добијат место во елитната конкуренција. Еурофарм Пелистер веќе ангажираше неколку нови играчи, а најзучното име е Стипе Мандалиниќ, хрватскиот репрезентативец.

Ако ЕХФ доделува второ место за првиот, вториот и четвртиот од ранкингот на федерации (Нант, Фленсбург и ПИК Сегед), според логиката на нештата, би требало уште едно место да добие и Македонија, односно Еурофарм Пелистер. Нивниот состав е практично комплетиран, останува да се донесе уште еден квалитетен голман, па тренерот Жељко Бабиќ да има екипа по свој вкус.

Можен изглед на ЛШ за сезоната 2020/2021

ПСЖ
Кил
Вардар
Веспрем
Барселона
Келце
Алборг
Загреб
Порто
Фленсбург
————-

ПИК Сегед
Нант
Алингсас/Елверум
Мешков Брест/Мотор Запорожје
Спортинг/Висла Плоцк/Еурофарм Пелистер
Динамо Букурешт/Кадетен Шафхаузен/Целје

Деталите би требало да бидат познати кон средината на јуни, па ќе видиме дали сите овие набројани екипи ќе се пријават за учество во елитната конкуренција. Едно е јасно, кризата со корона ќе ги намали буџетите на екипите, а со настапот во ЛШ ќе можат да ја подобрат финансиската конструкција со оглед на што ќе има богат награден фонд. Затоа борбата за место во елитата ќе биде тешка.

Натпревари од ЛШ веќе нема да гледаме за викенди, термините се среда и четврток, со почеток во 18:45 и 20:45 часот. ЕХФ на почетокот на јуни веќе треба да ги собрано пријавите од екипите за европските натпреварувања, а кон средината на тој месец ќе бидат познати сите детали и конечните листи на учесници пред ждрепката на 1 јули.