Еурофарм нема да брза со нов тренер: Мојсов и Соколески ќе го водат против Бидасоа и Загреб

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник пред два дена остана без тренер, откако беше раскинат договорот со Стевче Алушовски. Веќе се наредија куп имиња кои би можеле да седнат на „фармацевтската“ клупа, но раководството нема да брза со именување на нов тренер.

Затоа на последната средба од Лигата на шампионите против шпанската Бидасоа, која веќе има обезбедено место во следната фаза, тимот ќе го предводат досегашните помошници на Алушовски, Божидар Мојсов и Ице Соколески.

По последниот меч од елитната конкуренција на 30 ноември, Еурофарм Работник го чека последниот меч на домашен терен за оваа година против Загреб во регионалната СЕХА лига, кој ќе се одигра на 3 декември во „Боро Чурлевски“.

И на овој меч, предводници ќе бидат Мојсов и Соколески, а новиот тренер би можел да дебитира против Веспрем и Спартак Москва на гостувањата, иако многу веројатно е дека „фармацевтите“ ќе го добијат новиот тренер по завршувањето на полусезоната.

Голужа, Шундовски, Тамше, Ѓукиќ, Червар…се имињата што веќе се споменуваа(т) низ ракометните кулоари, а дали некој од овие стратези или некој друг ќе биде нов предводник на Еурофарм, ќе дознаеме наскоро.