Есбјерг ја ослободи проблематичната Полман

Екипата на Есбјерг, која во изминатата сезона играше на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, преку соопштение ја извести јавноста дека со репрезентативката на Холандија, Еставана Полман, постигнале заедничко решение, односно клубот ја ослободил ракометарката, па така, холанѓанката во новата сезона ќе има нов клуб во својата кариера.

За потсетување, Есбјерг ја суспендираше Полман, откако искусната ракометарка во изминатата сезона одби да влезе на терен за време на натпреварот против Подравка во Лигата на шампионите. Есбјерг иако ја суспендираше Полман, сепак, и плаќаше месечна плата бидејќи ракометарката сѐ уште имаше актуелен договор со данскиот клуб.

Договорот на Полман со Есбјерг беше со важност и за следната сезона (2022/23). Доколку двете страни не дојдоа до заеднички договор, тогаш арбитражниот суд на ракометниот сојуз на Данска ќе донесеше конечна одлука за спорот меѓу Есбјерг и Полман.

,,На Еставана Полман и посакуваме се најдобро во нејзината кариера. Исто така, нејзе и се заблагодаруваме за својот придонес кој го даде за екипата на Есбјерг. Без Еставана, клубот нема да биде тоа што беше во минатиот период”, изјави претседателот на Есбјерг, Бјарне Педерсен.

Холанѓанката во редовите на Есбјерг настапуваше од 2013 година и за данскиот клуб има одиграно 240 натпревари и постигнато 1270 голови. Со тој учинок, Полман е најдобрата ракометарка во историјата на еден од најдобрите дански клубови.