ЕП 2022: Шведска сака злато и прекин на 20-годишниот пост

Во последно време Шведска остварува одлични резултати и често беше блиску до освојување на златниот медал, но постојано не успеваше во клучните моменти. Швеѓаните освоија сребрени медали на ЕП 2018 и СП 2021 и ова се најдобрите резултати на новата генерација ракометари. Можеби Европското првенство во 2022 година е шанса трудот на младите ракометари да биде награден со златен медал.

Шведска обезбеди пласман на ЕП со максимални шест победи во квалификациската група. На претходното Европско првенство иако беше ко-домаќин не успеа да се пласира во полуфиналето. Тие се освојувачи на четири златни медали во 1994, 1998, 2000 и 2002 година. Пет шведски ракометари го држат рекордот со четири освоени златни медали. На претстојното ЕП, Шведска за противници ќе ги има Шпанија, Чешка и Босна и Херцеговина.

Во период од две години Шведска се трансформираше од кандидат за завршницата на првенството во сериозен кандидат за освојување на медал и финале. Селекторот Глен Солберг не се двоумеше во тимот да приклучи млади талентирани играчи, а неговата стратегија се исплатеше. Лукас Пелас, Карл Валиниус, Џонатан Карлсбогард и Феликс Клар во репрезентацијата се од 2020 година, но веќе имаат важна улога во нивните клубови. Сепак, останува да се види дали овие млади играчи можат да го издржат притисокот од јавноста и публиката кои имаат големи очекувања.

ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – ЏИМ ГОТФРИТСОН

Средниот бек на Фленсбург е еден од најискусните играчи во тимот на Глен Солберг. Можеби изгледа дека игра многу долго, но тој има само 29 години и е опкружен со многу млади играчи, кои треба да ги координира и се да фунционира без грешка. Како и сите останати средни бекови улогата на Готфритсон ќе биде огромна за квалитетот на настапот на целиот тим. Доколку тој игра на нивото како од претходните првенства Шведска може да се надева на медал.

ИНТЕРЕСНО

Од 18 играчи кои играа и загубија во финалето на ЕП 2018 во Хрватска, на претстојното првенство ќе настапат само седум играчи. Неколку играчи кои беа стандардни репрезетантивци како Јеспер Нилсен, Лукас Нилсон и Џери Толбринг испаднаа од тимот за на нивното место да играат ракометари кои сè уште не се дел од врвни клубови.

ПРЕТХОДНИ УЧЕСТВА

Претстојното првенство ќе биде 14. учество за Шведска, а најголеми успеси имаат постигнато на првенствата во 1994, 1998, 2000 и 2002 година, а на првенството во 2018 година го освоија сребрениот медал.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Е

13. ЈАНУАРИ – 20:30ч

ШВЕДСКА – БИХ

15. ЈАНУАРИ – 20:30ч

ШВЕДСКА – ШПАНИЈА

17.ЈАНУАРИ – 20:30ч

ШВЕДСКА – ЧЕШКА