Екс репрезентативец на Шведска главен кандидат за нов селектор на Исланд

Ракометната федерација на Исланд е во потрага по нов селектор, откако пред извесен период беше прекината соработката со довчерашниот стратег Гудмундур Гудмундсон.

Еден од кандидатите за нов селектор на машката сениорска репрезентација на Исланд е актуелниот тренер на Савехоф, Микаел Апелгрен, пренесува исландскиот медиум „Висир“.

Поранешниот репрезентативец на Шведска пред две сезони ја презеде тренерската функција во Савехоф. Со екипата на Савехоф во 2021 година ја освои шампионската титула во домашниот шампионат, додека минатата сезона заедно со неговите избраници се радуваа на освојувањето на трофејот во Купот на Шведска.

Во периодот од 2014 до 2020 година беше тренер во норвешкиот шампион Елверум. Во првите две сезони од престојот во клубот од Норвешка, тој имаше двојна улога, им делеше совети на ракометарите, но и играше со нив на терените.

Со екипата на Елверум шест пати со ред беше шампион на Норвешка. Како играч освен за Савехоф и Елверум, настапуваше и за екипите на Грањолерс, Пуерто Сагуно, Хамарби и Ѓургарден.

По 14 години Гудмундсон не е повеќе селектор на Исланд!