Екс-ракометар на Металург на радарот на Вардар

Екипата на Вардар е во потрага по нов играч во бековската линија за пролетниот дел од сезоната, а ракометарот кој би можел да ги засили „црвено-црните“ е поранешен член на Металург.

Халил Јагањац кој сега игра во редовите на Нексе е потенцијално засилување на вардарци, а во моментов проблем е само обесштетувањето кое Вардар би требало да го плати. Во моментов се преговара така што Јагањац би можел наскоро да стане член на вардарци.

Тој в недела би требало да игра против Вардар во последното коло од СЕХА лигата, па можно е и тогаш да падне договор за неговата иднина и враќање во Скопје.

Инаку, доколку дојде Јагањац ќе може да игра за Вардар во Лигата на шампионите бидејќи Нексе сезонава настапуваше во Купот на ЕХФ, па нема да биде проблем. Позицијата лев бек е дефицитарна со оглед на тоа што Дисингер е опериран и не може да игра најмалку до април, додека Горбок се жали на повреда и тој исто така не може да одговори на потребите.