Екс вардарката незадоволна во Брест – едвај чекам да заврши сезоната и да си заминам!

Репрезентативката на Црна Гора, Итана Грбиќ на почетокот на оваа сезона ги засили редовите на Брест Бретањ. Сепак, екс ракометарката на Вардар не добива голема минутажа во тимот на Пабло Морел.

Црногорката во интервју за порталот „handballme“. истакна дека трансферот од ФТЦ во Брест Бретањ е голема грешка во нејзината кариера.

„Да не беше медалот од ЕП, сезоната ќе беше за заборав, кога е Брест во прашање. Можам со сигурност да кажам дека оваа сезона е пеколна. Се што очекував, и воопшто не сум некоја што има преголеми очекувања, не се случи. Едноставно не се сличи ништо, па на сето ова гледам како на предизвик. Се борам со себе, мислам дека се борев и победив, а тоа е најважно“, изјави Грбиќ.

Средниот бек смета дека и покрај тоа што не добивала голема минутажа во дресот на Брест Бретањ, сепак, одиграла на одлично ниво на Европското првенство во ноември, на кое Црна Гора дојде до бронзен медал, откако во драматичното полуфинале славеше против Франција.

„Се на се, се трудам да останам концентрирана, да не се повредам, бидејќи буквално што се однесува до теренот и играта, јас не постојам. Искрено, тргнав од себе, размислувајќи што е проблемот, на што треба уште да работам…Но ништо не се смени. Пред ЕП бев фокусирана на работа во теретана, со желба да се обидам да ја искористам секоја шанса за себе и за репрезентацијата. Мислам дека тоа го докажав на првенството. Работите се променија само на полошо, разговарав и со тренерот, ама ништо не се промени“, додаде Грбиќ.

Таа е врзана со договор за уште една сезона, но најави заминување.

„Не се гледам себе во Брест. Не знам зошто сум ангажирана, ако не ме користат на теренот. Но тоа е на тренерот, мое е само да работам и да давам максимум. Веќе не ни прашувам зошто не играм. Најважно е да се разделиме човечки, а би излажала ако кажам дека не чекам едвај да заврши сезонава“, вели Грбиќ.

Францускиот клуб иако во сезоната влезе со намален буџет за разлика од претходната сезона, сепак, имаше големи амбиции во Лигата на шампионите. Брест Бретањ не успеа да обезбеди дирекрен пласман во четвртфиналето во најквалитетното европско натпреварување и одигра далеку под своите можности. Затоа ќе мора по потешкиот пат, односно преку осминафинале со Есбјерг да се бори за четвртфиналето.